АД ЕСМ во првите шест месеци од годинава остварило добивка пред оданочување од 449 милиони денари (околу 7,3 милиони евра), покажува финансискиот извештај на компанијата за периодот јануари – јуни 2026 година.
Според компанијата, позитивниот финансиски резултат е постигнат по преземените мерки за финансиска консолидација, зголемување на домашното производство на електрична енергија и оптимизација на работните процеси.
Во извештајот се наведува дека добивката пред камати, даноци и амортизација (EBITDA) достигнала 1,65 милијарди денари (околу 26,8 милиони евра), при што се евидентирани и повисоки приходи од продажба на електрична енергија и системски услуги.
Од АД ЕСМ посочуваат дека производствените трошоци се намалени преку оптимизација на производството во термоелектраните и купопродажбата на електрична енергија на берзата, додека истовремено компанијата навремено ги сервисирала кредитните обврски и ја задржала финансиската стабилност.
Компанијата оценува дека позитивните резултати претставуваат значаен пресврт во работењето и создаваат услови за нов инвестициски циклус. Планирано е средствата да бидат насочени кон развој на проекти за обновливи извори на енергија, модернизација на производните капацитети и инвестиции за зајакнување на долгорочната енергетска сигурност на државата.
Клучните финансиски показатели за работењето во првата половина од 2026 година, како што информираат од АД ЕСМ, се прикажани и во инфографик објавен од компанијата.

Енергетика 24
