Новоинсталираниот соларен капацитет во Кина во првата половина од 2026 година се намали за 66% на годишно ниво, откако забави инвестицискиот бран што минатата година беше поттикнат од промените во системот за пресметка на цените на електричната енергија, покажуваат податоците анализирани од Кинеската асоцијација за фотоволтаична индустрија (CPIA).
Според официјалните податоци, во периодот јануари–јуни Кина инсталирала 72,07 гигавати (GW) нови соларни капацитети, што е значително помалку во споредба со рекордните 212,21 GW во истиот период лани.
Само во јуни се приклучени 12,48 GW нови соларни капацитети, што претставува пад од 13,1% во однос на истиот месец во 2025 година.

Падот е очекуван, бидејќи во првата половина на минатата година инвеститорите забрзано ги завршуваа проектите пред 1 јуни 2025 година, кога новите соларни и ветерни електрани преминаа од систем на загарантирани откупни цени кон пазарно формирање на цената на електричната енергија.
Само во мај 2025 година во Кина беа инсталирани речиси 93 GW нови соларни капацитети, повеќе од четири пати над нивото од истиот месец претходната година, што создаде исклучително висока споредбена основа за годинашните резултати.
Поради значително послабиот почеток на годината, Кина би можела да не ги исполни прогнозите на Кинеската асоцијација за фотоволтаична индустрија, која во февруари процени дека во текот на 2026 година ќе бидат инсталирани меѓу 180 GW и 240 GW нови соларни капацитети.
И доколку се остварат тие проекции, тоа би значело годишен пад од 24% до 43% во споредба со рекордните 315 GW новоинсталиран соларен капацитет во 2025 година, што би било прво годишно намалување на кинескиот соларен пазар од 2019 година.
И покрај забавувањето, Кина останува убедливо најголемиот светски пазар за соларна енергија и клучен двигател на глобалниот раст на обновливите извори на енергија.
Извор: Ројтерс
