S&P Global: Американскиот ЛНГ ги надминува сите очекувања и до 2031 ќе стане втор најголем извозен сектор на САД

Американската индустрија за течен природен гас (ЛНГ) расте побрзо од сите претходни прогнози и до 2031 година би можела да стане втор најголем извозен сектор на САД, веднаш по цивилната авиоиндустрија, оценува потпретседателот на S&P Global, Даниел Јергин.

Според најновата студија на S&P Global Energy, американскиот ЛНГ-сектор за само една деценија прераснал во индустрија вредна 44 милијарди долари годишно, а економските придобивки продолжуваат да ги надминуваат претходните очекувања.

„Економските придобивки, измерени преку нови работни места, придонесот во БДП и приходите на работниците, се на пат да ги надминат сите претходни прогнози, додека изобилството на природен гас овозможува домашните цени во САД да останат меѓу најниските во светот“, изјави Јергин.

РЕКЛАМА

Студијата проценува дека до 2040 година американскиот ЛНГ-сектор ќе поддржува околу 555.000 работни места годишно, ќе придонесе со 1,4 трилиони долари во американскиот БДП, ќе генерира 2,9 трилиони долари деловни приходи и 206 милијарди долари федерални и државни даночни приходи.

Во споредба со прогнозите од крајот на 2024 година, новите проценки се значително повисоки. S&P Global очекува дополнителни 55.000 работни места, 100 милијарди долари поголем придонес во БДП и 400 милијарди долари повисоки деловни приходи.

Анализата покажува дека побарувачката за природен гас за извоз на ЛНГ ќе се удвои во следните пет години, достигнувајќи 36 милијарди кубни стапки дневно, што е за 25% повеќе од претходните базични проекции. Со тоа, САД, кои веќе се најголемиот светски извозник на ЛНГ, би контролирале повеќе од една третина од глобалниот пазар.

Домашните цени остануваат ниски

И покрај растот на извозот, S&P Global оценува дека влијанието врз домашните цени на природниот гас ќе биде минимално. Просечните трошоци за домаќинствата се очекува да се зголемат за само 1,6% во периодот од 2026 до 2031 година, додека американските цени ќе останат меѓу најниските во светот.

Потпретседателот за гас и ЛНГ во S&P Global Energy, Ерик Ејберг, посочува дека САД располагаат со резерви доволни за повеќе од 45 години производство на сегашното ниво, како и со најразвиената гасоводна мрежа во светот.

Главен предизвик останува инфраструктурата

Иако производството на природен гас расте побрзо од извозот, студијата предупредува дека најголемата пречка за понатамошен развој се ограничувањата во гасоводната инфраструктура.

Според S&P Global, изградбата на нови гасоводи, особено во североисточниот дел на САД, би можела да ги намали зимските цени на природниот гас за повеќе од 20% во периодот од 2028 до 2031 година.

Клучен фактор за европската енергетска безбедност

Студијата предупредува и дека евентуално ограничување на новите американски ЛНГ -проекти би предизвикало сериозно затегнување на глобалниот пазар до 2031 година. Во такво сценарио, цените на ЛНГ во Европа и Азија би можеле да бидат околу 50% повисоки, а дополнителните приходи би завршиле кај други извозници на фосилни горива.

S&P Global оценува дека, имајќи предвид дека САД моментално се најголемиот снабдувач на Европа со течен природен гас, најголем добитник од евентуално намалување на американскиот извоз би била Русија.

Во меѓувреме, американската Администрација за енергетски информации (EIA) прогнозира дека бруто-извозот на ЛНГ ќе достигне 17,4 милијарди кубни стапки дневно во 2026 година и 18,6 милијарди кубни стапки дневно во 2027 година, во споредба со 15,1 милијарда кубни стапки дневно во 2025 година.

Извор: Rigzone.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил