Обновливите извори на енергија во 2025 година учествувале со 26,2% во бруто финалната потрошувачка на енергија во Европската Унија, што претставува зголемување од еден процентен поен во однос на 2024 година, кога нивниот удел изнесувал 25,2%, покажуваат прелиминарните податоци на Евростат.

Иако уделот на обновливите извори бележи континуиран раст од само 9,6% во 2004 година, Европската Унија сè уште е далеку од целта до 2030 година, кога обновливите извори треба да обезбедуваат најмалку 42,5% од финалната потрошувачка на енергија. За исполнување на оваа цел, во периодот од 2026 до 2030 година ќе биде потребно просечно годишно зголемување од 3,3%.
Најголем удел на обновлива енергија во вкупната потрошувачка има Шведска со 65,4%, каде доминираат биомасата, хидроенергијата и ветерната енергија. Следуваат Финска со 53%и Данска со 48,2%. На дното на листата се Белгија (14,9%), Словачка (16,3%) и Ирска (17,2%).
Во секторот за производство на електрична енергија, обновливите извори во 2025 година обезбедиле 49,9% од бруто потрошувачката на електрична енергија во ЕУ, што е за 2,4% поени повеќе во споредба со претходната година. За споредба, во 2004 година нивниот удел изнесувал само 15,9%.
Највисок удел на електрична енергија од обновливи извори има Австрија, каде што 90,8% од потрошената електрична енергија потекнува од обновливи извори, пред Шведска со 89,2% и Данска со 77,7%. Над 60 проценти удел имаат и Португалија (65,6%), Грција (60,9%) и Шпанија (60,7%).
Најнизок удел е регистриран во Малта (11,2%), Чешка (19,2%), Луксембург (23,3%), Словачка (24,1%) и Кипар (27,5%).
Евростат наведува дека продолжува постепениот раст и на употребата на обновливи извори за греење и ладење. Во 2025 година нивниот удел достигнал 27,4%, што е највисоко ниво од почетокот на статистичките мерења во 2004 година и зголемување од 0,7% во однос на 2024 година.

Извор: Европска Комисија
