Француската енергетска компанија TotalEnergies во вториот квартал од 2026 година оствари раст на приспособената нето-добивка од 68% на годишно ниво, поттикнат од повисоките цени на нафтата, подобрените маржи во рафинирањето и добрите резултати од тргувањето со нафтени деривати.
Според финансискиот извештај на компанијата, приспособената нето-добивка достигнала 6,03 милијарди долари, во споредба со 3,58 милијарди долари во истиот период лани. Приходите од продажба се зголемиле на 61,77 милијарди долари од 49,63 милијарди долари.
Нето-добивката што им припаѓа на акционерите надминала 5,44 милијарди долари, повеќе од двојно во однос на истиот период минатата година, додека готовинскиот тек, без обртниот капитал, пораснал за 48% на 9,8 милијарди долари.
Производството на јаглеводороди, сепак, се намалило за 4%, на 2,395 милиони барели нафтен еквивалент дневно, поради нарушувањата предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток.
Од компанијата проценуваат дека конфликтот го намалил кварталното производство за околу 210.000 барели дневно, поради прекините во производството во Катар и потешкотиите при извозот преку Ормтскиот Теснец. Без влијанието на конфликтот, производството би бележело раст од повеќе од четири проценти, поттикнато од новите проекти во Бразил, САД, Ангола и Либија.
Оперативната добивка во сегментот за истражување и производство се зголемила за 64%, на 3,23 милијарди долари, при просечна реализирана цена на течните горива од 91,6 долари за барел.
Во сегментот за рафинирање и хемикалии оперативната добивка достигнала 1,8 милијарди долари, во споредба со 389 милиони долари една година претходно, благодарение на повисоките рафинериски и петрохемиски маржи и силното тргување.
Од друга страна, добивката во сегментот за течен природен гас (ЛНГ) е намалена за 22% на 807 милиони долари, поради послабите резултати од тргувањето со гас и намаленото производство во Катар.
Компанијата ја задржа проекцијата за нето-инвестиции во 2026 година на 15 милијарди долари. Управниот одбор одобри и втора привремена дивиденда од 0,90 евра по акција, што е зголемување од 5,9% на годишно ниво, како и програма за откуп на сопствени акции во вредност до 1,5 милијарди долари во третиот квартал.
TotalEnergies очекува цените на нафтата да останат над 80 долари за барел и во третиот квартал, поради неизвесноста околу пловидбата низ Ормускиот Теснец, додека конфликтот на Блискиот Исток би можел да го намали производството за дополнителни 5% до 10%.
Извор: Aa.com.tr
