Европските цени на гасот достигнаа четиримесечен максимум

Европските цени на природниот гас се искачија на највисокото ниво во последните четири месеци, откако обновените судири меѓу САД и Иран повторно ги зголемија стравувањата за безбедноста на испораките преку Ормускиот Теснец,клучната светска рута низ која се транспортира значителен дел од глобалната трговија со течен природен гас (ЛНГ).

Референтниот европски гасен индекс TTF во понеделникот накратко надмина 60 евра за мегават-час, што е највисока вредност од средината на март, пред да се стабилизира на околу 59 евра за мегават-час. Во однос на претходниот месец, цените се повисоки за околу 50%.

Пазарот реагираше на десеттата последователна ноќ на американски воздушни напади врз Иран, по што Техеран возврати со напади врз американски сојузници во регионот и врз танкери во Персискиот Залив. Новите инциденти дополнително ги засилија сомнежите дека транспортот низ Ормускиот Теснец ќе остане нестабилен, што претставува сериозен ризик за глобалното снабдување со ЛНГ.

РЕКЛАМА

Покрај геополитичката неизвесност, аналитичарите предупредуваат дека пазарот се соочува и со фундаментални фактори кои дополнително ги поддржуваат високите цени. Европските резерви на гас се пониски од вообичаеното за овој период од годината, додека високите летни температури во Азија ја зголемуваат побарувачката за течен природен гас за производство на електрична енергија и климатизација, што ја интензивира конкуренцијата меѓу азиските и европските купувачи.

Во исто време, трговците сè повеќе проценуваат дека ризикот од нарушување на испораките повеќе не е привремен. Заканите за воведување такси за пловидба низ Ормускиот Теснец, како и најавата на јеменските Хути за блокада на теснецот Баб ел-Мандеб, отвораат можност двата најважни поморски коридори за извоз на енергенси од Блискиот Исток истовремено да бидат изложени на прекини.

„Постојаното отворање и затворање на Ормускиот Теснец значи дека ова повеќе не може да се смета за сигурна рута за глобалните испораки на ЛНГ“, оцени Тобијас Федерико, висок аналитичар во Montel Energy.

Слична оценка даде и Алис Акуња, извршен потпретседател за трговија и комерцијална интеграција во шпанската енергетска компанија Moeve, според која последниот раст на цените покажува дека геополитичкиот ризик постепено станува структурен фактор на енергетските пазари, а не само краткорочен шок.

За Европа, која и натаму во голема мера зависи од увозот на ЛНГ за пополнување на складиштата пред зимската сезона, секое подолготрајно нарушување на испораките од Персискиот Залив би можело дополнително да ги зголеми цените на гасот и да ја отежне подготовката за претстојната грејна сезона. Иако пазарот засега не очекува целосен прекин на испораките, последните случувања покажуваат дека геополитичката нестабилност повторно станува еден од главните двигатели на европските енергетски цени.

Извор: Politico.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил