Цените на нафтата денеска пораснаа за околу три проценти, при што брент нафтата повторно ја надмина границата од 90 долари за барел, поради натамошната ескалација на конфликтот меѓу САД и Иран и нарушувањата во поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец.
Фјучерсите на брент се зголемија за 3,1% на 90,87 долари за барел, што е највисоко ниво од 11 јуни. Американската WTI нафта поскапе за 2,9% на 84,84 долари за барел, највисока цена од 12 јуни.
Во текот на минатата недела брентот забележа раст од 15,9% , а WTI од 15,5%, што е најголем неделен скок во последните неколку месеци.
Пазарите реагираа по новата ескалација на конфликтот на Блискиот Исток. Според Ројтерс, САД извршиле деветта последователна ноќ на напади врз цели во Иран, додека Кувајт и Бахреин соопштија за нови ирански напади.
Дополнителна неизвесност внесе и соопштението на Иранската револуционерна гарда, која тврди дека два танкера експлодирале и останале неподвижни додека пловеле по јужната рута низ Ормускиот Теснец. Ројтерс наведува дека засега не можел независно да ги потврди овие информации.
Според податоците на LSEG, во неделата низ теснецот поминале само четири бродови, во споредба со осум претходниот ден, што укажува на дополнително намалување на сообраќајот.
Аналитичарите предупредуваат дека доколку конфликтот продолжи да се интензивира, постои ризик од дополнително ограничување на извозот на нафта од регионот и нов раст на цените.
„Доколку ескалацијата продолжи, повторно би можеле да се соочиме со пошироки напади низ Персискиот Залив“, наведуваат аналитичарите на ING.
Според аналитичарот на Barclays, Амарприт Синг, пазарите сè уште не го проценуваат целосно ризикот за глобалните резерви на нафта, кои во моментов се на најниско ниво во последните пет години.
Извор: Ројтерс
