ЕУ планира посебни правила за рециклирање на соларни панели

Европската комисија размислува за воведување посебна категорија за соларните панели во ревидираната Директива за отпад од електрична и електронска опрема (WEEE), со сопствени цели за собирање и рециклирање, наместо тие да се третираат како обичен електронски отпад.

Ова го соопшти холандската министерка за клима и зелен раст Стјентје ван Велдховен во писмо до холандскиот Парламент, одговарајќи на пратеничко прашање за политиките за демонтажа, собирање и преработка на дотраени соларни панели и ветерни турбини.

Во моментов соларните панели се опфатени со истите правила како и машините за перење, мобилните телефони и другата електронска опрема. Според важечката директива, производителите се должни да обезбедат повторна употреба на 75% од отпадните панели и рециклирање на најмалку 65 проценти од нив.

РЕКЛАМА

Сепак, Европската комисија оценува дека постојните правила не ја одразуваат специфичната природа на соларните панели. За разлика од повеќето електронски уреди, кои се заменуваат по неколку години, соларните панели имаат работен век од околу 30 години, поради што сегашните цели за собирање, засновани на количината производи пуштени на пазарот во последните три години, не се соодветни.

Со воведување посебна категорија би можеле да се утврдат специфични цели за обновување на вредните материјали што ги содржат панелите, како што се стакло, силициум, бакар и сребро, наместо тие да се третираат како стандардна електронска опрема.

Европската комисија паралелно разгледува и можност ветерните турбини да бидат вклучени во опсегот на Директивата WEEE. Во моментов за нив не постојат посебни европски правила за собирање и рециклирање, иако за копнените турбини важат општите прописи за отпад, а за офшор ветерните паркови операторите мора однапред да обезбедат финансиски гаранции за нивно демонтирање по истекот на концесиите.

Предлогот за ревизија на Директивата WEEE се очекува во третиот квартал од 2026 година, кога ќе биде познато дали соларните панели ќе добијат посебен режим за рециклирање и дали ветерните турбини ќе бидат вклучени во новите правила.

Извор: Solarmagazine.nl

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил