Потрошувачката на електрична енергија во САД ќе продолжи да расте и во наредните две години, поставувајќи нови историски рекорди, покажува најновиот краткорочен енергетски извештај (STEO) на американската Администрација за енергетски информации (EIA). Главни двигатели на растот се експанзијата на дата центрите за вештачка интелигенција (AI), развојот на криптовалутната инфраструктура и сè поголемата електрификација на домаќинствата и компаниите.

Според прогнозите на EIA, потрошувачката на електрична енергија ќе се зголеми од рекордните 4.195 милијарди киловат-часови (kWh) во 2025 година на 4.269 милијарди kWh во 2026 година и 4.399 милијарди kWh во 2027 година.
Најголем придонес за растот ќе има комерцијалниот сектор, кој поради брзото ширење на дата-центрите се очекува во 2026 година за првпат во историјата да троши повеќе електрична енергија од домаќинствата. EIA прогнозира дека продажбата на електрична енергија кон комерцијалните потрошувачи ќе достигне 1.550 милијарди kWh, додека кај домаќинствата ќе изнесува 1.508 милијарди kWh. Индустрискиот сектор исто така ќе бележи раст, со потрошувачка од 1.065 милијарди kWh.
Во производството на електрична енергија продолжува трендот на раст на обновливите извори. Нивниот удел се очекува да порасне од 24% во 2025 година на 25% во 2026 и 27% во 2027 година. Истовремено, уделот на јагленот ќе се намали од 17% на 15%, додека природниот гас ќе остане најголем извор на електрична енергија со стабилен удел од 40%. Нуклеарната енергија ќе задржи учество од 18%.
Извештајот покажува и промени во потрошувачката на природен гас. Се очекува намалување на испораките за домаќинствата и комерцијалниот сектор, но зголемување на индустриската потрошувачка и на употребата на гас за производство на електрична енергија. Индустријата би трошела околу 24 милијарди кубни стапки дневно (bcfd), а електроенергетскиот сектор 36,6 bcfd, што е речиси на рекордните нивоа.
Од EIA оценуваат дека растечката побарувачка за електрична енергија, поттикната од вештачката интелигенција, дигиталната инфраструктура и електрификацијата на економијата, ќе продолжи да го трансформира американскиот енергетски сектор, при што обновливите извори ќе имаат сè поважна улога во задоволувањето на новите потреби.
Извор: EIA.gov
