СОЗР ќе тестира електрични возила во државната администрација

Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) започнува пилот-проект за воведување електрични возила во државниот возен парк. Во првата фаза ќе бидат набавени три електрични возила, кои ќе ги користат курирските служби за секојдневен транспорт на документација меѓу државните институции во Скопје.

Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, информира дека во моментов се спроведува истражување на пазарот, по што ќе започне постапката за набавка на возилата. Целта на пилот-проектот е да се оцени дали електричните возила се практично и економски исплатливо решение за потребите на јавната администрација.

„Во моментов правиме истражување на пазарот. Планот е да набавиме три електрични возила што ќе ги користат курирските служби за секојдневна достава на документи меѓу институциите. Ова ќе биде пилот-проект преку кој ќе провериме дали електричните возила се практично решение со постојната инфраструктура за полнење во државата“, изјави Томовски.

РЕКЛАМА

Според него, преку тестирањето ќе се анализираат автономијата на возилата, трошоците за нивно користење, како и можностите што ги нуди постојната мрежа на јавни полначи. Доколку резултатите бидат позитивни, ваквиот модел би можел постепено да се прошири и во други институции.

Со овој проект СОЗР прави прв чекор кон воведување на електромобилноста во државната администрација, во насока на модернизација на службениот возен парк, намалување на емисиите на штетни гасови и поефикасно користење на јавните ресурси.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил