Седум земји членки на алијансата ОПЕК+ договорија ново, умерено зголемување на производството на нафта во август, продолжувајќи со постепеното враќање на понудата на светскиот пазар по падот на цените на суровата нафта.
Според одлуката, Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман во август ќе го зголемат производството за вкупно 188.000 барели дневно. Ова е петти последователен месец во кој земјите од ОПЕК+ одобруваат зголемување на производството.
Во соопштението, земјите наведуваат дека и натаму внимателно ќе ги следат движењата на пазарот и ќе продолжат со претпазлив пристап за да ја зачуваат неговата стабилност.
Одлуката доаѓа во период кога цените на нафтата значително се намалија по постигнувањето привремен договор меѓу САД и Иран за прекин на непријателствата. Како дел од договорот, Иран се согласи да овозможи непречен поморски сообраќај низ Ормутскиот Теснец, додека САД ја укинаа блокадата на иранските пристаништа.
Иако пловидбата низ Ормускиот Теснец постепено се нормализира, сообраќајот сè уште е под нивото пред конфликтот. Дополнително, Иран неодамна предупреди дека сите танкери што минуваат низ теснецот мора да ги користат одобрените пловни коридори.
Во петокот цената на северноморската нафта Брент се затвори под 72 долари за барел, што е блиску до нивото пред почетокот на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран кон крајот на февруари. За време на кризата, цената достигна речиси 120 долари за барел.
Војната предизвика сериозни нарушувања на глобалниот енергетски пазар, бидејќи ограничениот сообраќај низ Ормускиот Теснец, преку кој вообичаено поминува околу една петтина од светската трговија со нафта, ја намали понудата и покрај претходните одлуки на ОПЕК+ за зголемување на производството.
Според проценките на S&P Global Energy, производството на нафта во земјите од Персискиот Залив најверојатно нема целосно да се врати на нивото од пред конфликтот пред почетокот на 2027 година. Енергетските аналитичари предупредуваат дека и покрај падот на цените на суровата нафта, високите трошоци за горивата и за голем број производи би можеле да се задржат уште извесен период.
Извор: APnews.com
