Соединетите Американски Држави во 2025 година станаа најголем снабдувач со енергија на Холандија, со удел од 24,4% во вкупниот енергетски увоз, додека зависноста од Русија е сведена на помалку од три проценти, покажуваат најновите податоци на холандскиот Завод за статистика (CBS).
Во 2015 година уделот на САД во енергетскиот увоз на Холандија изнесувал само 3,1% , додека Русија учествувала со 17,5%. По руската инвазија врз Украина, увозот на руски енергенси нагло се намали – од 20,7% во 2021 година на 2,7% во 2025 година.
Холандија минатата година обезбедила 77% од своите енергетски потреби преку увоз, додека само 23% потекнувале од домашно производство. Според CBS, зголемената зависност од увоз е последица на постепеното затворање на најголемото гасно поле во Гронинген, каде експлоатацијата беше целосно прекината во октомври 2023 година. Порастот на производството од обновливи извори, сепак, го ублажил дополнителното зголемување на зависноста од увоз.
САД сега се најголем снабдувач и со сурова нафта и со природен гас. Кај нафтата, американскиот удел достигнал 8,2%, како резултат на зголеменото производство и извоз од САД. По САД следуваат Норвешка, Казахстан и Обединетото Кралство, додека рускиот удел е намален на 1,1%.
Кај природниот гас, зависноста од САД достигнала 13,2% во 2025 година, во споредба со 10,9% една година претходно. Американскиот гас во Холандија пристигнува исклучиво како течен природен гас (ЛНГ) по морски пат, додека најголемиот дел од норвешкиот гас се транспортира преку гасоводи. Норвешка останува втор најголем снабдувач со енергија на Холандија со удел од околу 13,5%.
Податоците покажуваат дека сличен тренд е присутен и во Европската Унија. Зависноста на ЕУ од руски енергенси е намалена од повеќе од 18 проценти во 2021 година на околу три проценти во 2023 и 2024 година, додека уделот на американските енергенси е зголемен од еден процент во 2015 година на девет проценти во 2023 година.
И покрај промените во структурата на снабдувањето, вкупната зависност на Европската Унија од енергија увезена од земји надвор од Унијата останала релативно стабилна и во 2024 година изнесувала околу 53%. Покрај САД и Норвешка, значајни снабдувачи за европскиот пазар остануваат Казахстан, Алжир, Либија, Саудиска Арабија, Нигерија и Ирак.
Извор: CBS.nl
