Од есен повисоки сметки за гас во Хрватска

Околу 600.000 домаќинства во Хрватска од почетокот на новата грејна сезона ќе плаќаат повисоки сметки за природен гас, а според првичните проценки цените ќе се зголемат за седум до осум проценти поради поскапувањето на гасот на европските пазари.

Според хрватските медиуми, висината на поскапувањето ќе зависи од дистрибутивното подрачје, но главната причина е зголемувањето на набавната цена на енергенсот.

Далибор Пудиќ од Хрватската стручна асоцијација за гас изјави дека цената на гасот е повисока за околу четири евра за мегават-час. Според неговите пресметки, за просечно домаќинство кое годишно троши околу 40 мегават-часови, тоа би значело дополнителен трошок од околу 40 евра годишно.

РЕКЛАМА

Експертите проценуваат дека Владата би требало да обезбеди околу 15 милиони евра доколку одлучи да го субвенционира поскапувањето, а препорачуваат и рационално користење на енергијата како начин за намалување на трошоците. Според Пудиќ, намалувањето на температурата за еден до два Целзиусови степени може да донесе заштеда на потрошувачката.

Економските аналитичари предупредуваат дека повисоките цени на гасот би можеле да влијаат и врз инфлацијата. Според последните податоци, годишната стапка на инфлација во Хрватска во јуни изнесувала 4,5%, што е намалување во однос на претходните два месеца.

Министерот за финансии Томислав Ќориќ изјави дека Владата не е задоволна од сегашното ниво на инфлација, но очекува трендот на нејзино намалување да продолжи во наредните месеци и во првиот квартал од 2027 година да се приближи до просекот на еврозоната.

Според достапните податоци, повисока инфлација од Хрватска во јуни имале само Литванија и Бугарија.

Извор: Dnevnik.hr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил