Цените на керозинот паѓаат, ризиците остануваат

Цените на авионското гориво во Европа значително се намалија по најавата за прелиминарен мировен договор меѓу САД и Иран, но ниските залихи и очекуваната силна летна побарувачка и натаму создаваат ризик од недостиг на гориво во наредните месеци, предупредуваат аналитичари на S&P Global Commodity Insights.

Според проценките на агенцијата „Платс“, цената на авионското гориво за испорака во северозападна Европа на 26 јуни изнесувала 912 долари за тон. Тоа е значително пониско во однос на највисоките нивоа достигнати за време на конфликтот на Блискиот Исток, но сè уште повисоко од цените пред почетокот на кризата.

И покрај намалувањето на цените, аналитичарите оценуваат дека европскиот пазар останува чувствителен поради ниските резерви и неизвесноста околу снабдувањето во текот на август, кога традиционално расте воздушниот сообраќај.

РЕКЛАМА

Според Џејмс Симпсон, раководител на секторот за воздухопловни истражувања во CERA, дел од авиокомпаниите и натаму изразуваат загриженост за достапноста на керозинот во екот на летната сезона, иако засега нема сериозни нарушувања во снабдувањето.

Од германската авиокомпанија „Луфтханза“ соопштија дека не очекуваат недостиг на авионско гориво, додека и други европски превозници наведуваат дека летовите се одвиваат според планираниот распоред.

Дополнителна загриженост предизвикуваат и ниските залихи во складишниот центар Амстердам–Ротердам–Антверпен (ARA), кои и натаму се околу една третина под петгодишниот просек, и покрај благо зголемување во втората половина на јуни.

Во меѓувреме, испораките на авионско гориво од САД кон Европа, кои делумно го надоместија намаленото снабдување од Блискиот Исток, забележуваат пад во јуни, а прелиминарните податоци укажуваат дека и во јули ќе останат на ниско ниво.

Аналитичарите посочуваат дека американските рафинерии во летниот период би можеле да дадат приоритет на производството на бензин поради зголемената побарувачка, што дополнително би ја намалило количината на авионско гориво достапна за извоз во Европа.

Според пазарните учесници, натамошното движење на цените и снабдувањето во голема мера ќе зависи од состојбата во Ормускиот Теснец и од брзината со која блискоисточните рафинерии ќе го обноват производството по неодамнешниот конфликт. Доколку воздушниот сообраќај во регионот брзо закрепне, а производството не се нормализира со исто темпо, можно е дополнително зголемување на побарувачката за авионско гориво во текот на летото.

Извор: SPglobal.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил