Американскиот претседател Доналд Трамп му наложи на Министерството за правда да отвори истрага против дел од нафтените компании во САД поради сомневања дека неоправдано ги одржуваат високите цени на бензинот, иако цената на суровата нафта значително опадна во последните недели.
Трамп јавно ги посочи нафтените гиганти Exxon Mobil и Chevron како компании кои ќе бидат предмет на проверка.
„Цените на нафтата драстично паднаа, но тоа не се чувствува на бензинските пумпи“, изјави Трамп во видео објавено од неговата администрација на социјалната мрежа Икс. Според него, компаниите не ги намалуваат малопродажните цени пропорционално на пониските трошоци за набавка на сурова нафта, со што, како што рече, ги „ограбуваат“ потрошувачите.
Во објава на неговата платформа Truth Social, Трамп порача дека големите нафтени компании не ги пренесуваат заштедите до граѓаните и затоа побарал Министерството за правда веднаш да ја испита ситуацијата.
Според податоците на Американската автомобилска асоцијација (AAA), просечната цена на бензинот во САД во средата изнесувала 3,93 долари за галон, што е намалување од речиси 14% во однос на мајскиот максимум. Сепак, цените остануваат значително повисоки од јануарското ниво, кога еден галон бензин чинел 2,76 долари.
Во меѓувреме, цената на американската сурова нафта падна за околу 36% во споредба со највисоките вредности забележани во мај. Пазарите се стабилизираа по привремениот мировен договор меѓу САД и Иран и повторното отворање на Ормускиот теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта.
Годинава цените на енергенсите нагло пораснаа по американско-израелските напади врз Иран кон крајот на февруари, што предизвика стравувања од нарушување на глобалното снабдување со нафта. Иако последните дипломатски напори меѓу Вашингтон и Техеран донесоа одредено олеснување за американските потрошувачи, Трамп смета дека намалувањето на цените на бензинот е недоволно и не ја следи динамиката на падот на суровата нафта.
Од друга страна, од American Petroleum Institute предупредуваат дека цените на бензинот не можат автоматски и веднаш да ги следат движењата на суровата нафта. Според нив, врз цената на горивата влијаат и состојбите во рафинериите, трошоците за дистрибуција, како и глобалните нарушувања во снабдувачките синџири.
Случајот добива и политичка димензија во пресрет на ноемвриските избори за Конгресот, каде републиканците се обидуваат да ги задржат тесните мнозинства во двата дома. Високите цени на горивата остануваат едно од клучните економски прашања за американските гласачи.
Извор: Ројтерс
