Судбината на НИС сè поблиску до МОЛ. Се чека зелено светло од САД

Унгарската енергетска компанија МОЛ Група соопшти дека ќе обезбеди понатамошен развој на Нафтната индустрија на Србија (НИС), сигурно снабдување на српскиот пазар со нафтени деривати и непречено работење на Рафинеријата за нафта во Панчево доколку стане мнозински сопственик на компанијата.

Соопштението следува откако МОЛ и Владата на Србија потпишаа Акционерски договор, со кој се дефинираат идните односи меѓу државата и потенцијалниот мнозински сопственик на НИС, како и принципите на управување и стратешките цели на компанијата.

Од МОЛ наведуваат дека договорот ги уредува идното корпоративно управување, структурата на управните тела и начинот на носење одлуки. Компанијата истакнува дека, по успешно завршување на трансакцијата, ќе преземе одговорност за професионално управување со НИС, стабилно работење и нови инвестиции кои ќе придонесат за зголемување на вредноста на компанијата.

РЕКЛАМА

„По завршувањето на процесот, МОЛ ќе обезбеди сигурно снабдување на српскиот пазар и продолжување на работата на Рафинеријата во Панчево, паралелно со понатамошно зајакнување на енергетската и логистичката поврзаност во рамки на групацијата“, се наведува во соопштението.

Сепак, од компанијата нагласуваат дека процесот сè уште не е финализиран. Покрај склучувањето на конечен договор за купопродажба, потребни се и дополнителни регулаторни одобренија. Во моментов продолжуваат преговорите со рускиот „Гаспром њефт“ за преземање на неговиот удел од 56,15% во НИС.

Претседателот и извршен директор на МОЛ Група, Жолт Хернади, оцени дека потпишаниот договор е резултат на конструктивни разговори со српската влада и изрази уверување дека компанијата ќе може ефикасно да управува со НИС доколку стане мнозински акционер.

ФОТО / Dubravka Djedovic-Handanovic FB

„Со голема доверба ја очекувам идната соработка со Владата на Србија. Ќе направиме сè НИС да стане посилна и попрофитабилна компанија, а Србија да нè препознае како сигурен партнер. Сепак, важно е да се нагласи дека овој договор не го означува крајот на процесот. Потребен е конечен договор со продавачот, како и согласност од Соединетите Американски Држави“, изјави Хернади.

Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, посочи дека договорот ќе стапи во сила само доколку МОЛ и „Гаспром њефт“ постигнат договор за купопродажба и истиот биде одобрен од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД.

Таа нагласи дека, според договорените услови, државата ќе откупи дополнителни пет проценти од акциите во НИС, додека Рафинеријата во Панчево ќе продолжи да работи најмалку уште десет години со капацитети споредливи со оние пред воведувањето на американските санкции.

„НИС претставува критична енергетска инфраструктура која има значително влијание врз српската економија и бруто-домашниот производ. Со овој договор успеавме да обезбедиме рамка за заштита на домашниот пазар и енергетската сигурност, доколку МОЛ и руската страна постигнат конечен договор“, истакна Ѓедовиќ Хандановиќ.

Еден од клучните предуслови за реализација на трансакцијата останува добивањето согласност од OFAC. МОЛ веќе презеде активности за продолжување на лиценцата која им овозможува да водат преговори за преземање на рускиот мнозински удел во НИС.

Унгарската компанија на 6 јуни соопшти дека добила официјална дозвола од американските власти за продолжување на разговорите за купување на уделот на „Гаспром њефт“ во НИС до 16 јуни.

Во меѓувреме, НИС претходно доби посебна лиценца од Министерството за финансии на САД, со која на компанијата ѝ е овозможено да продолжи со оперативните активности, вклучително и преработка на нафта, увоз на сурова нафта, одржување на енергетската инфраструктура и реализација на финансиски трансакции неопходни за стабилно снабдување на пазарот.

Извор: Euronews.rs

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил