Потпишан грант од 2,4 милиони долари за подготовка на когенеративната централа „РЕК Битола 1“

Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, денес во Владата на Република Македонија беше потпишан Договор за грант во вредност од 2,4 милиони американски долари меѓу АД ЕСМ и Светска банка, со кој започнуваат подготвителните активности за реализација на проектот за когенеративната централа „РЕК Битола 1“.

Договорот го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и менаџерот на Светска банка за Косово и Македонија, Карол Межеван. На настанот присуствуваа и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.

Грантот ќе биде наменет за подготовка на проектната документација и другите неопходни активности за изградба на новата когенеративна централа, како и за проширување на топловодната мрежа во Битола. Станува збор за инвестиција вредна повеќе од 200 милиони евра, која се смета за една од најзначајните во процесот на енергетска транзиција и модернизација на македонскиот енергетски сектор.

РЕКЛАМА

Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, истакна дека поддршката од Светска банка претставува потврда за довербата во развојната стратегија на компанијата.

„Овие средства се наменети за имплементација на подготвителните активности за идната когенеративна централа „РЕК Битола 1“ и проширување на топловодната мрежа на Битола. Со овој чекор, Светска банка уште еднаш ја потврдува својата цврста поддршка за инвестициското портфолио на АД ЕСМ, чија реализација во претстојните години ќе донесе забрзана декарбонизација и ефикасно зголемување на домашното производство со оптимизирани трошоци.“

Според најавите, новата централа ќе овозможи истовремено производство на електрична и топлинска енергија, ќе придонесе за намалување на емисиите на штетни гасови и ќе овозможи поефикасно и попристапно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Битола и околината.

Менаџерот на Светска банка за Косово и Македонија, Карол Межеван, нагласи дека проектот претставува важен чекор кон поодржлив енергетски систем.

„Грантот за подготовка на проектот (GFPP) ќе ја поддржи подготовката на голема инвестиција во Битола која ќе помогне во изградбата на почиста, посигурна и поотпорна енергетска иднина. Тој ќе ги постави темелите за декарбонизација на електроенергетскиот сектор, интеграција на почисти извори на енергија и проширување на системот за далечинско греење.“

Обраќајќи се пред присутните, министерката Сања Божиновска истакна дека проектот е дел од пошироката стратегија за обезбедување сигурно и одржливо снабдување со енергија во услови на забрзан развој на обновливите извори.

„Нашата визија е јасна – Македонија да стане земја која произведува повеќе домашна енергија и постепено го намалува јаглеродниот отпечаток, но без компромис со енергетската сигурност. Колку повеќе обновливи извори на енергија интегрираме во системот, толку повеќе ни се потребни стабилни и флексибилни базни капацитети кои ќе обезбедат сигурност во снабдувањето. Нашата цел е да изградиме модерен енергетски систем што ќе ги следи европските политики, а истовремено ќе гарантира сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството“, нагласи Божиновска.

Таа додаде дека природниот гас е препознаен како транзициско гориво во националните стратешки документи и има важна улога во постепената декарбонизација на енергетскиот сектор.

„Денес не го започнуваме само процесот на подготовка на една нова електрана. Денес правиме уште еден важен чекор кон енергетски посилна, поодржлива и поевропска Македонија. Зелената транзиција мора да биде и еколошка и економски одржлива, обезбедувајќи чиста животна средина, сигурни работни места и стабилна енергетска иднина“, нагласи министерката.

Проектот за когенеративната централа „РЕК Битола 1“ се смета за една од клучните инвестиции во трансформацијата на македонската енергетика и исполнувањето на националните и европските цели за одржлив енергетски развој.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил