Хрватска ја зајакнува енергетската позиција во регионот: Пуштен во употреба гасоводот Забок–Лучко

Забок, 15 јуни 2026 – Хрватска направи значаен чекор во зајакнувањето на својата енергетска инфраструктура и регионалната енергетска безбедност со официјалното завршување и пуштање во употреба на магистралниот гасовод Забок–Лучко, еден од најголемите и технички најсложени проекти во хрватскиот систем за транспорт на природен гас.

На свеченоста во Забок присуствуваше хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, заедно со претставници на локалната самоуправа, енергетскиот сектор и деловната заедница.

Со реализацијата на проектот, капацитетот за транспорт на природен гас од Хрватска кон Словенија се зголемува од досегашните 260 милиони на 876 милиони кубни метри годишно, што претставува повеќе од тројно зголемување. Новата инфраструктура ќе овозможи поголема флексибилност во управувањето со транспортниот систем и ќе придонесе за посигурно снабдување со гас не само на Словенија, туку и на другите земји во регионот.

РЕКЛАМА

Инвестицијата е вредна околу 80 милиони евра и е финансирана преку Механизмот за закрепнување и отпорност на Европската Унија, во рамките на проектот за зголемување на капацитетите на ЛНГ терминалот на островот Крк и зајакнување на националната гасна инфраструктура.

Гасоводот, долг 36 километри, вклучува модернизација на мерната, регулациската и комуникациската инфраструктура. Проектот бил особено сложен за изведба бидејќи трасата минува под реките Сава и Крапина, железничка пруга и автопат, додека најголемиот дел од неа е сместен во постоечкиот коридор на магистралните гасоводи, со што влијанието врз животната средина е сведено на минимум.

Претседателот на Управата на Плинакро, Ивица Арар, оцени дека станува збор за проект од исклучително значење за хрватскиот гасен систем и за регионалната енергетска сигурност.

„Со овој проект ја зголемивме флексибилноста на транспортните капацитети и создадовме услови за значително поголем извоз на природен гас кон Словенија“, изјави Арар.

Тој најави дека по завршувањето на гасоводите Босиљево–Сисак и Сисак–Козарац, како и другите планирани надградби, капацитетот за транспорт на гас кон Словенија ќе достигне околу 1,5 милијарди кубни метри годишно, додека кон Унгарија ќе може да се испорачуваат до 3,5 милијарди кубни метри.

ФОТО / PlinaCRO

Гасоводот Забок–Лучко е дел од поширок инвестициски циклус на Плинакро насочен кон максимално искористување на капацитетите на ЛНГ терминалот на Крк и позиционирање на Хрватска како важно регионално енергетско јазолче во Југоисточна Европа.

Дополнителен импулс за хрватско-словенечката енергетска соработка беше даден и во мај годинава, кога операторите Плинакро и словенечкиот Плиноди потпишаа заедничка изјава за зголемување на капацитетот на интерконекцијата Рогатец во правец од Хрватска кон Словенија. Првата фаза од тој проект се очекува да биде завршена до средината на годинава.

Со овие инвестиции, Хрватска дополнително ја зацврстува својата позиција на европската енергетска карта, обезбедувајќи поголема сигурност во снабдувањето со природен гас и подобра поврзаност со регионалните и европските енергетски пазари.

Извор: PlinacCRO.hr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил