Европската Унија ја лансираше новата иницијатива „Т-МЕД“ (Trans-Mediterranean Renewable Energy and Clean Tech Cooperation), со која до 2035 година планира да мобилизира инвестиции до 25 милијарди евра за развој на обновливи извори на енергија, водород, чисти технологии и модерни електроенергетски мрежи во медитеранскиот регион.
Иницијативата беше претставена за време на Европската недела за одржлива енергија од еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица, и еврокомесарот за енергија, Дан Јоргенсен.
Во рамки на проектот, Европската комисија обезбедува гаранциски капацитет од над 5 милијарди евра преку Европскиот фонд за одржлив развој, со цел да се поттикнат јавни и приватни инвестиции во енергетската транзиција.
Според проценките, Т-МЕД до 2035 година ќе придонесе за изградба на 15 гигавати нов капацитет за обновлива енергија и отворање повеќе од 100.000 работни места во секторот за чиста енергија.
Иницијативата предвидува пет клучни области на соработка: мобилизација на инвестиции, регулаторни реформи, развој на вештини и кадар, модернизација на електроенергетската инфраструктура и поттикнување на индустриската соработка во областа на чистите технологии.
ЕУ очекува Т-МЕД да ја зајакне енергетската безбедност, да ја намали зависноста од фосилни горива и да создаде поинтегриран и одржлив енергетски пазар во Медитеранот.
Првиот состанок на инвестициската платформа Т-МЕД е најавен за октомври 2026 година, додека првите заеднички индустриски проекти меѓу европски и медитерански компании се очекуваат во 2027 година.
Иницијативата е дел од „Пактот за Медитеранот“, кој ЕУ го започна во ноември 2025 година во Barcelona, со цел продлабочување на соработката со земјите од Блискиот Исток и Северна Африка.
Извор: Европска Комисија
