Италија чекор поблиску до враќање на нуклеарната енергија

Италија е на чекор до историско враќање на нуклеарната енергија, откако Долниот дом на парламентот го усвои предлог-законот на владата на премиерката Џорџа Мелони, со кој се отвора патот за повторно воведување на нуклеарната енергија во националниот енергетски систем.

Законот беше изгласан со 155 гласа „за“, 86 „против“ и осум воздржани, а сега следува разгледување во Сенатот, каде владата очекува конечно усвојување пред летната парламентарна пауза кон крајот на јули.

Со законското решение, владата добива овластувања да ја регулира употребата на таканаречена „одржлива“ нуклеарна енергија, во согласност со европските цели за декарбонизација до 2050 година и зајакнување на енергетската безбедност.

РЕКЛАМА

Предвидено е формирање Национална програма за одржлива нуклеарна енергија, како и независна Агенција за нуклеарна безбедност. Дополнително, законот предвидува инвестиции во научни и индустриски истражувања, развој на стручни кадри и информативни кампањи за подигнување на јавната свест.

Италија некогаш беше меѓу европските земји со развиена нуклеарна инфраструктура. Од почетокот на 1960-тите години земјата управуваше со четири нуклеарни електрани. Но, по катастрофата во Чернобил во 1986 година, италијанските граѓани на референдум се изјаснија против нуклеарната енергија, по што последните реактори беа затворени во 1990 година.

Нов обид за рестартирање на нуклеарната програма беше запрен во 2011 година, по хаваријата во Фукушима. Тогаш, дури 94 проценти од гласачите на референдум повторно се изјаснија против изградба на нови нуклеарни централи.

Сепак, во последните години се бележи значителна промена во јавното мислење. Енергетската криза, растечките цени на струјата и потребата од намалување на зависноста од увоз на енергенси ја вратија нуклеарната енергија во центарот на политичката дебата.

Во мај 2023 година, италијанскиот парламент ја повика владата да ја разгледа можноста за вклучување на нуклеарната енергија во националниот енергетски микс. Неколку месеци подоцна беше формирана Националната платформа за одржлива нуклеарна енергија, со задача да подготви временска рамка за евентуално враќање на нуклеарната технологија и да ги идентификува економските можности за домашната индустрија.

Доколку законот биде конечно усвоен, Италија по повеќе од три децении би можела повторно да стане земја со активна нуклеарна енергетска политика.

Извор: Euractiv.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил