Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри финансиски пакет од 192 милиони евра за изградба на три нови соларни електрани во југоисточна Романија, со вкупен инсталиран капацитет од 531 мегават. Проектите се дел од националните напори за декарбонизација и јакнење на енергетската безбедност.
Од вкупниот пакет, ЕБОР обезбедува 64 милиони евра од сопствени средства, додека преостанатите 128 милиони евра се мобилизирани од комерцијални кредитори. Новите постројки, Слобозија, Корбии Мари и Јепуреши II се лоцирани во округите Дaмбовица и Гиургиу и се очекува годишно да произведуваат околу 676 GWh зелена електрична енергија. Со тоа ќе се избегне емисија од приближно 280.000 тони CO₂ годишно, што е значителен придонес кон целта Романија до 2030 година да обезбеди 38 проценти од финалната потрошувачка од обновливи извори.
Проектот Слобозија ќе работи под 15-годишен договор за разлика (CfD), доделен на првата ваква аукција во земјата, механизам развиен со техничката поддршка на ЕБОР. Електраните Корбии Мари и Јепуреши II, пак, ќе ја продаваат произведената енергија на руманскиот дневен пазар, што, како што наведуваат од ЕБОР, ја демонстрира сè поголемата комерцијална издржливост на обновливите извори без субвенции.
Двонасочниот CfD-модел, воведен во 2024 година, досега доделил вкупно 4,2 GW соларен и ветерен капацитет, надминувајќи ја националната цел од 3,5 GW поставена во рамки на Планот за опоравување и отпорност на Романија.
„Задоволни сме што ги поддржуваме инвестициите на Nofar Energy во обновливи извори во Романија. Ова финансирање покажува како може да се скалираат зелените инвестиции и да се поддржи амбицијата на земјата да додаде повеќе од 10 GW обновлив капацитет до 2030 година“, изјави Гжегож Зиелински, директор за енергетика во ЕБОР за Европа.
Извршниот директор на Nofar Energy Romania, Фави Стелиан, оцени дека новата соработка со ЕБОР ја зајакнува довербата во долгорочната визија на компанијата и го забрзува развојот на нова зелена инфраструктура. Соларните проекти се во мнозинска сопственост на израелската компанија OY Nofar Energy, листирана на берзата во Тел Авив.
ЕБОР останува еден од водечките инвеститори во Романија, со повеќе од 12 милијарди евра вложени во 576 проекти досега.
Извор: Ebrd.com
