Белград. 29 март 2025 – Министерката за енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, објави денес дека пристигнала писмена потврда од САД за одложување на санкциите кон Нафтната индустрија на Србија (НИС) за нови триесет дена, односно до 28 април 2025 година.
„Оваа одлука ќе му овозможи на НИС да продолжи да го снабдува пазарот и да работи нормално во наредните 30 денови“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ за РТС, додавајќи дека единственото трајно решение е отстранување на компанијата од американската листа на санкции. Според неа, процесот на отстранување од листата е сложен, но Белград веќе води интензивни разговори со новата администрација на САД.
Министерката нагласи дека НИС е клучен за граѓаните и економијата на Србија. „Успеавме да им покажеме на сите колку е компанијата витална за нормално функционирање на општеството“, рече таа, истакнувајќи ја поддршката од Унгарија и подобрените дипломатски односи со Вашингтон.
Ѓедовиќ Хандановиќ потенцираше дека фокусот во следниот период ќе биде ставен на набавка на што поголеми количини сурова нафта. „Сакаме рафинеријата да работи подолго. Овие 30 дена мора да ги искористиме максимално“, порача Ѓедовиќ Хандановиќ. Таа потврди дека задолжителните резерви на Србија се на рекордно ниво од над 52%, додека вкупните резерви – вклучувајќи ги комерцијалните – покриваат потрошувачка до 100 дена.

Инаку, санкциите против НИС беа воведени од претходната американска администрација, и тоа, во последните денови од мандатот, како дел од мерките против руски компании. НИС поднесе барање за отстранување од листата, но конечната одлука зависи од американскиот Конгрес.
Извор: РТС