ЕМБЕР: Ветерната и соларната енергија ги надминаа фосилните горива во ЕУ

Брисел. 22 јануари 2026 – Европската Унија во 2025 година ја достигна најважната пресвртница во енергетската транзиција досега: за првпат, електричната енергија произведена од ветер и сонце го надмина вкупното производство од сите фосилни горива, покажува најновиот годишен извештај на енергетскиот тинк-тенк Ембер.

Ветерната и соларната енергија учествувале со рекордни 30% во вкупното производство на електрична енергија во ЕУ, додека уделот на фосилните горива, јаглен, гас и нафта, паднал на 29%. Само пет години претходно, овие обновливи извори обезбедуваа околу една петтина од електричната енергија, што укажува на забрзана трансформација на европскиот енергетски систем.

Клучен двигател на растот е соларната енергија, чие производство се зголемило за околу 19–20% на годишно ниво, достигнувајќи 369 терават-часови. Зголемување е регистрирано во сите земји-членки, а во Унгарија, Грција, Шпанија и Холандија, сонцето веќе обезбедува повеќе од една петтина од вкупната електрична енергија.

РЕКЛАМА

Паралелно со подемот на обновливите извори, јагленот продолжи да исчезнува од европската електроенергетска мрежа. Неговиот удел падна на рекордно ниски 9,2%, при што Германија и Полска, најголемите потрошувачи, забележаа историски минимуми. Во 19 земји-членки јагленот учествува со помалку од 5% во производството на струја.

И покрај општиот пад на фосилните горива, употребата на гас порасна за 8%. Причина за тоа беа сушите и послабите ветрови во одредени периоди, кои го намалија хидропроизводството за околу 12%, создавајќи недостиг што беше покриен со гасни електрани. Ова резултираше со раст од 16% на трошоците за увоз на гас за производство на струја, кои достигнаа околу 32 милијарди евра, како и со повремени скокови на големопродажните цени на електричната енергија.

Вкупната слика, сепак, покажува дека нискојаглеродните извори доминираат во европскиот електроенергетски микс. Обновливите извори и нуклеарната енергија заедно обезбедија 71% од електричната енергија во ЕУ во 2025 година, што ја зацврстува насоката кон исполнување на климатските цели и намалување на зависноста од увозни горива.

Енергетската транзиција се одвива и покрај политичките притисоци во дел од земјите членки, кои минатата година доведоа до ублажување на некои мерки за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнителни дилеми отвори и договорот на ЕУ за зголемен увоз на американска енергија, што ја стави под прашање брзината на откажување од нафтата и гасот.

Според „Ембер“, следниот клучен предизвик за Унијата е намалување на зависноста од скапиот увозен гас и стабилизирање на цените на струјата. Организацијата апелира за забрзани инвестиции во електроенергетските мрежи и батериските системи за складирање, со цел да се искористи целосно домашното производство од ветер и сонце.

Со оглед на тоа што во 14 од 27 земји-членки ветерната и соларната енергија веќе се доминантни извори, извештајот заклучува дека Европа неповратно се движи кон почиста енергетска иднина, при што темпото на транзицијата ќе зависи од способноста на системот ефикасно да ја складира и распределува произведената електрична енергија.

Извор: Ember-energy.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба