Објаснето: клучната улога на стратешките нафтени резерви додека Г7 размислува за нивно ослободување

Пишува: Чиранџиб Сенгупта

Цените на нафтата во понеделникот драстично пораснаа и достигнаа највисоко ниво од 2022 година, надминувајќи 119 долари за барел, поттикнати од ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Подоцна во текот на денот цената се повлече кон 100 долари за барел, со што се намали дел од речиси 30-процентниот раст, откако Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) свика вонреден состанок на земјите членки за да се разгледа состојбата на глобалниот енергетски пазар.

Каква е моменталната состојба на нафтениот пазар?

Според Financial Times, на состанокот министрите на земјите од Г7 и извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, ќе разговараат за можноста за заедничко ослободување на нафта од стратешките резерви (SPR), во координација со ИЕА.

РЕКЛАМА

Изданието, повикувајќи се на неименувани извори, наведува дека три земји од Г7, меѓу кои и САД, досега ја поддржале оваа иницијатива.

Во моментот кога се одвиваше состанокот, глобалниот референтен тип нафта Брент се тргуваше околу 105 долари за барел, што е под утринскиот максимум од 119,50 долари.

Што се стратешките нафтени резерви и зошто владите размислуваат да ги користат?

Стратешките нафтени резерви (SPR) претставуваат државни складишта на сурова нафта наменети за итни ситуации, чија цел е да се намали влијанието од евентуални прекини во снабдувањето со нафтени деривати, токму како што се случува во моменталната геополитичка криза.

Соединетите Американски Држави располагаат со најголемата стратешка нафтена резерва во светот. Овие резерви се складирани во огромни подземни резервоари во солни наслаги на четири локации долж брегот на Мексиканскиот Залив.

По САД следуваат Кина и Јапонија, кои ги имаат вторите и третите најголеми резерви на нафта за итни ситуации. Големината на овие резерви ги прави важен инструмент на глобалната енергетска политика.

  • Капацитетот на американската стратешка резерва изнесува 714 милиони барели.
  • Кина располага со капацитет од приближно 400 милиони барели.
  • Јапонија одржува резерви од околу 324 милиони барели.

Како функционираат овие резерви и дали нивното ослободување може да се координира?

Според Financial Times, владите на земјите од Г7 разгледуваат можност за координирано ослободување од 300 до 400 милиони барели нафта од своите резерви.

Иако во минатото постојат бројни примери на ваква меѓународна координација, самиот процес на ослободување не е едноставен. Причината е што поголемиот дел од резервите не се складирани во класични резервоари, туку во подземни резервоари во солни наслаги.

За извлекување на нафтата потребно е:

  • во подземните резервоари да се вбризга вода, која ја потиснува нафтата кон површината
  • нафтата да се транспортира преку цевководи до рафинерии или пристанишни терминали
  • да се организира логистиката за нејзиното пласирање на пазарот

Дали ослободувањето на резервите ќе биде доволно за стабилизирање на пазарот?

Според Вандана Хари, основач и извршен директор на Vanda Insights, количината на достапни резерви теоретски не е проблем.

„Со 1,2 милијарди барели владини резерви и дополнителни 600 милиони барели комерцијални резерви, постои доволно нафта за да се компензира загуба од 20 милиони барели дневно во период од 90 дена,“ вели таа.

Во 2022 година, САД ослободија 180 милиони барели од своите резерви, иако најголемото количество испуштено во една недела изнесуваше 8,4 милиони барели.

Сепак, сегашната криза е значително посериозна.

Околу 25% од светската поморска трговија со нафта се одвива преку Ормускиот теснец, како и речиси 20% од глобалниот извоз на течен природен гас (ЛНГ).

Поради нарушувањата во регионот, светскиот пазар губи повеќе од 20 милиони барели дневно од понудата.

Токму затоа вниманието е насочено кон реалниот капацитет за дневно ослободување на резервите, бидејќи во практиката досегашните координирани интервенции на ИЕА ретко надминувале 2 милиони барели дневно.

Колку нафта можат дневно да ослободат земјите од своите резерви?

Според проценките на Вандана Хари, земјите од Г7 располагаат со следните максимални теоретски капацитети за ослободување на нафта од резервите:

  • САД: околу 4,4 милиони барели дневно
  • Јапонија: 3 – 3,5 милиони барели дневно
  • Германија: 0,5 – 0,7 милиони барели дневно
  • Франција: 0,4 – 0,5 милиони барели дневно
  • Италија: 0,3 – 0,4 милиони барели дневно

Сепак, во реални услови повеќето од овие максимални стапки никогаш не биле целосно тестирани.

Што го предизвика наглиот скок на цените на нафтата?

Цената на нафтата во понеделникот се искачи речиси на 120 долари за барел, откако повеќе производители од Блискиот Исток го намалија производството, а сообраќајот на танкери низ Ормускиот теснец беше запрен, што значително ги ограничи глобалните испораки.

Во текот на нестабилната трговска сесија, и WTI нафтата достигна 119,48 долари за барел, пред дел од растот да се коригира.

Покрај прекинот на транспортот, цените ги турка нагоре и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, како и нападите врз клучната енергетска инфраструктура во регионот на Персискиот Залив.

Каква е состојбата со производството во земјите од Персискиот Залив?

Фјучерсите на нафта дополнително пораснаа во понеделникот, откако Кувајт и Обединетите Арапски Емирати почнаа да го намалуваат производството за време на викендот, бидејќи складиштата брзо се полнат поради блокадата на Ормутскиот теснец.

Според Ројтерс, производството на нафта во јужните нафтени полиња на Ирак е намалено за 70%, бидејќи складиштата за сурова нафта веќе го достигнале својот максимален капацитет.

Kuwait Petroleum Corporation исто така го намали производството и прогласи виша сила за испораките.

Компанијата Saudi Aramco, која дел од испораките може да ги пренасочи преку цевководот кон Јанбу на Црвеното Море, понуди повеќе од 4 милиони барели саудиска нафта на спот-тендери со цел да го ублажи ефектот од затворањето на Ормут.

Во меѓувреме:

  • Катар го запре производството на ЛНГ по нападите врз клучната инфраструктура
  • BAPCO од Бахреин прогласи виша сила по нападите врз рафинерискиот комплекс
  • Саудиска Арабија ја затвори својата најголема нафтена рафинерија

Каква е улогата на Меѓународната агенција за енергија?

ИЕА соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата на Блискиот Исток, особено можните последици од долготрајни прекини во енергетските текови низ Ормускиот теснец.

„Глобалниот нафтен пазар се наоѓа во значителен вишок на понуда од почетокот на 2025 година. Пред воените дејствија кои започнаа на 28 февруари, се очекуваше глобалното снабдување со нафта во 2026 година значително да ја надмине побарувачката.

Сепак, продолжените прекини во снабдувањето би можеле да го претворат пазарот во дефицит.

Прекинот на нафтените текови низ Ормускиот теснец веќе ги принуди некои оператори да започнат со намалување на производството, а истовремено е погодено и производството на рафинирани нафтени деривати во регионот,“ се наведува во соопштението на агенцијата.


Чиранџиб Сенгупта е главен уредник на глобалната енергетска платформа Energy Connects. Тој е новинар специјализиран за енергетски пазари, нафта и гас, енергетска безбедност и геополитика на енергијата, и редовно анализира глобални трендови во енергетскиот сектор.

Извор: EnergyConnects.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил