Пишува: Робин Милс
Ајатолахот е мртов, но опасноста за енергетските испораки од Заливот се засили. Додека САД и Израел го напаѓаат Иран, иранските дронови и ракети не го гаѓаат само Израел, туку и неговите соседи во Заливот. Засега енергетските постројки не се директна цел, но прашање е колку долго ќе трае тоа.
Низ познатиот Ормуски теснец, во нормални услови се пренесуваат околу 15 милиони барели сурова нафта дневно, 5,5 милиони барели дневно рафинирани производи и 82,6 милиони тони течен природен гас (ЛНГ) годишно. Тоа претставува околу 20% од светската понуда на нафта и 16% од ЛНГ.
Раст на трошоците за транспорт
Иранските сили преку радио им упатиле предупредување на бродовите дека Теснецот е затворен. Бидејќи пловните коридори за влез и излез се наоѓаат во територијалните води на Оман, бродовите не се обврзани да ја почитуваат оваа наредба. Сепак, транзитот низ Теснецот нагло се намали, приближно за половина, додека бродските компании го проценуваат ризикот и ги реорганизираат осигурувањата.
Трошоците за транспорт веќе беа значително зголемени пред почетокот на нападите, при што дневната наемнина за многу голем танкер за сурова нафта достигна 200.000 долари, што ја зголеми цената на релацијата Залив–Кина на речиси 5 долари по барел. Осигурителните премии, кои и онака беа високи, според извештаите пораснале за 50% за пловидба кон Заливот; без сомнение ќе растат дополнително, а бродовите поврзани со САД или Израел би можеле да станат неосигурливи. Сепак, националните нафтени компании ќе вложат напори нивните флоти да продолжат со пловидба.
Во меѓувреме, се интензивираат информациите за напади врз трговски бродови. До неделата биле таргетирани четири пловни објекти, меѓу кои и еден што ѝ припаѓал на иранската „сенковита флота“, што отвора дилеми дали станува збор за грешка, погрешна идентификација или намерна дезинформација. Заглушувањето на GPS-сигналите дополнително ја усложнува навигацијата и ја продлабочува неизвесноста во поморскиот сообраќај. Стратегијата на Техеран останува нејасна, можно е дејствувањето да е некоординирано и препуштено на пониски командни нивоа поради загубата на високи функционери. Од друга страна, Иран можеби свесно задржува дел од своите капацитети или настојува да ја заштити сопствената критична нафтена и гасна инфраструктура од понатамошна ескалација.
Умерен раст на цените на нафтата
Доколку затворањето биде краткотрајно, нафтениот пазар брзо ќе се стабилизира. Кина веројатно ќе посегне по своите обемни стратешки резерви, а САД би можеле да размислат за ослободување на нафта од (иако значително намалените) Стратешки резерви на нафта. ОПЕК може нагло да го зголеми производството по нормализирањето на сообраќајот за повторно да ги пополни залихите.
Пазарот во понеделникот изгледаше како да го одразува тоа расположение. Цените на нафтата скокнаа за 7% и го достигнаа највисокото ниво во последните месеци, при што фјучерсите за Brent crude пораснаа на 82,37 долари за барел, највисоко ниво од јануари 2025 година, во првото тргување по нападите врз Иран. Но до 00:54 GMT, цената се стабилизираше на 78,24 долари за барел, што е пораст од 5,37 долари, односно умерени 7,37%.
Во рамките на земјите од Заливот членки на ОПЕК постои околу 4 милиони барели дневно слободен капацитет, главно во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, повеќе од доволно за да се надомести вообичаениот извоз на Иран од 1,5 милиони барели дневно. Но тоа, секако, нема големо значење ако извозот преку Хормуз е ограничен.
Алтернативи преку нафтоводи
Саудискиот нафтовод Исток–Запад кон Црвеното Море и нафтоводот на Абу Даби до Фуџајра можат да пренесуваат од 6,5 до 8,5 милиони барели сурова нафта дневно, заобиколувајќи го Теснецот, иако со одредени логистички ограничувања. Тоа, пак, претпоставува дека Иран нема да ги таргетира постројките подалеку од своите граници.
Заливот во меѓувреме стана клучен центар за рафинирање, со големи проширувања во Ирак, Кувајт, Бахреин, ОАЕ и, иако надвор од Oрмуз —Оман. Регионот обезбедува околу 10% од светската понуда на гасно масло и 20% од светската понуда на авионско гориво (вклучувајќи приближно 30% од потребите на Европа за авионско гориво).
Целосно затворање на Ормускиот теснец подолго од неколку недели е малку веројатно. Американската морнарица и сојузниците би ги расчистиле мините, би ги уништиле преостанатите ирански воени бродови и би ги елиминирале ракетните лансери.
Но дроновите би можеле бесконечно да водат евтина кампања и да бидат речиси невозможни за целосно запирање. Хутските сили во Јемен веќе покажаа способност да го одвратат поголемиот дел од сообраќајот од важен поморски пат, и покрај тоа што потопија или оштетија многу мал број бродови и покрај американските и израелските бомбардирања. Тоа би можело да го доведе поморскиот и воздушниот сообраќај во Заливот во хронична состојба на нарушувања, прекини и зголемени трошоци.
Фокус врз енергетската инфраструктура во Заливот
Иран би можел да одлучи и директно да ги нападне енергетските постројки на соседите. Офшор-платформите, копнените ЛНГ-погони и рафинериите се особено ранливи на напади со дронови. Засега Иран го избегнува тоа, но би можел да ја смени тактиката доколку сопственото производство на енергија биде оштетено или ако режимот процени дека се соочува со сериозна закана од соборување.
Подолготрајниот прекин би влијаел и врз многу други производи. Регионот на Заливот е клучен извозник на течен природен гас, околу 16% од светската понуда, најмногу од Катар. Европа излегува од студена зима со значително намалени резерви на гас. Годинава се очекува силен раст на понудата на ЛНГ, со нови проекти во САД, Канада и на други места што ќе додадат околу 39 милиони тони годишен капацитет.
Влијание врз европските пазари
Речиси целосниот прекин на рускиот гас кон Европа го остави пазарот опасно без безбедносна „перница“. Катар требаше да биде значаен дел од растот на понудата оваа година, а особено следната. Повторно, долготрајно нарушување на поморскиот сообраќај би го задржало овој ЛНГ во Заливот. Во секој случај, кризата може да го одложи завршувањето на трите масивни проширувања на катарското наоѓалиште North Field.
Земјите од Заливот, вклучително и Иран, се исто така големи добавувачи на течен нафтен гас (LPG), азотни ѓубрива, петрохемикалии, метанол, алуминиум и хелиум. Државите од Советот за соработка во Заливот се големи увозници на храна,по воздух и по море, при што Иран досега беше важен снабдувач.
Затворањето или сериозното ограничување на сообраќајот низ Теснецот би било катастрофално и за самиот Иран, земјата се потпира на Теснецот за сопствениот извоз на нафта и индустриски производи, како и за голем дел од увозот. Затоа тоа е опција само во крајна нужда. Но со елиминирани врховниот лидер и голем дел од воениот врв, таа крајност можеби е поблиску отколку што изгледа.
Робин Милс е извршен директор на Qamar Energy и автор на книгата The Myth of the Oil Crisis.
Извор: Energyconnects.com
