Глобалната трговија со нафта: Кој доминира во услови на нестабилност во 2025?

Во првата половина на 2025 година, водечките независни гиганти во трговијата со нафта — Vitol, Trafigura, Glencore и Gunvor, покажаа комбинација на отпорност, стратегиско прилагодување и оперативни тешкотии додека се справуваа со сложениот глобален нафтен пазар кој е под силно влијание на геополитички тензии, променливи цени на суровините и процесите на енергетска транзиција.

Швајцарската компанија Vitol, најголемиот независен трговец со нафта во светот, задржа стабилна перспектива за глобалната побарувачка на нафта, која се очекува да остане стабилна до 2040 година, и покрај промените како што е електрификацијата на транспортот која го намалува користењето на бензинот и дизелот. Компанијата продолжува да вложува значајни средства во инфраструктура за ЛПГ и проектите за чисти енергенси, што ја истакнува нејзината посветеност на одржливите алтернативи за гориво. Во првото полугодие од 2025 г. волуменот на трговија на Vitol надминува 8 милиони барели на ден, што ја потврдува нејзината доминантна улога на пазарот.

Од друга страна, за првите 6 месеци од 2025 година, компанијата Trafigura забележа умерен пораст на нето добивката од 3% на околу 1,52 милијарди долари, иако приходите се намалија за 4% на 119,2 милијарди долари, најмногу поради намалените цени на суровините. Волумените на трговија со нафта и гас останаа стабилни, благодарение на диверзифицираното портфолио кое им овозможува да останат отпорни на засилените трговски тензии. Компанијата исто така направи промени во раководството, со Ричард Хоултум кој го презема местото на извршен директор и го засили својот капитал до 16 милијарди долари, обезбедувајќи ликвидност за справување со нестабилноста на пазарот.

РЕКЛАМА

Компанијата Glencore, за која веќе пишувавме, се соочи со проблеми, забележувајќи пад од 14% во прилагодениот EBITDA на 5,4 милијарди долари, што беше последица на слабите цени на суровините и проблемите со производството, особено во бакарот и јагленот. Сепак, маркетингот остана стабилен со прилагоден EBIT од 1,4 милијарди долари, што е само 8% помалку од минатата година. Компанијата ја продолжува својата стратегија за намалување на трошоците, со планирани заштеди од 1 милијарда долари до 2026 година, додека во исто време испорачува поврат на акционерите до 3,2 милијарди долари за 2025 година и успешно управува со нето долг од 14,5 милијарди долари.

И на крајот, Gunvor, четвртиот најголем независен трговец со сурова нафта, објави дека во првата половина на 2025 година успеала да продаде рекорден број од 79 милиони тони нафта и нафтени производи. И покрај некои притисоци на профитите, Gunvor обезбеди стабилен нето приход од 417 милиони долари, благодарение на нормализираните пазарни услови по претходната волатилност. Стратегиските инвестиции на компанијата во терминали, рафинерии и логистичка инфраструктура го поддржуваат нејзиниот трговски капацитет и таа останува посветена на намалување на емисиите и инвестиции во обновливи извори на енергија.

Овие четири гиганти во трговијата со нафта заедно контролираат повеќе од една третина од глобалниот физички пазар за трговија со нафта, со вкупен дневен волумен над 15 милиони барели сурова нафта и производи. Покрај самите волумени, тие обезбедуваат клучна инфраструктура, финансирање, логистика и услуги за управување со ризици кои го поддржуваат глобалниот ланец на снабдување со нафта. Нивната способност да ги поврзуваат производителите со потрошувачите, да финансираат сложени трговски операции и да се прилагодуваат брзо на пазарните и геополитички ризици ги прави незаменливи посредници.

Нивната големина и експертиза им овозможуваат да го олеснат пристапот до пазарите и да ја обезбедат физичката испорака, прилагодена на потребите на клиентите, што ги надминува можностите кои ги нудат берзите за суровини. Овој комплексен мрежен систем и рамка за управување со ризици се клучни за стабилизирање на пазарите на нафта во време на постојаните неизвесности.

Додека Vitol се фокусира на стабилната долгорочна побарувачка и одржливите горивни иницијативи, Trafigura ја задржува својата финансиска дисциплина, што овозможува раст на профитот и покрај притисоците на приходите. Glencore ги балансира оперативните предизвици со намалување на трошоците и силен поврат за акционерите, а Gunvor продолжува да го искористува својот инфраструктурен капацитет за да ја зајакне својата конкурентност. Зедно, нивните различни, но комплементарни сили покажуваат како најголемите независни трговци играат клучна улога во обликувањето на иднината на глобалниот нафтен бизнис во 2025 година и понатаму.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads