Дали знаевте дека современите топлински пумпи се 3 до 5 пати поенергетски ефикасни од традиционалните гасни котли? Тоа значи дека создаваат многу повеќе топлинска енергија отколку што трошат електрична, што ги прави паметен, сигурен и одржлив избор за греење и ладење на домови и деловни простории во текот на целата година. Топлинските пумпи веќе со децении се дел од чистите енергетски решенија, а благодарение на технолошкиот напредок, нивната улога ќе продолжи да расте и во иднина.
И покрај нивната сè поголема популарност, и понатаму кружат неколку митови што создаваат забуна или сомнеж. Ова се петте работи што треба да ги знаете за топлинските пумпи:
1. Топлинските пумпи одлично функционираат и во студени клими.
Топлинските пумпи обезбедуваат енергетски најефикасно греење во многу студени региони ширум светот. Всушност, Норвешка, Финска, Шведска и Естонија имаат најмногу топлински пумпи по глава на жител во Европа. На врвот е Финска, со 524 топлински пумпи на 1.000 домаќинства.
Топлинската пумпа извлекува топлина од извор, на пример, од надворешниот воздух, ја зголемува температурата и ја пренесува таму каде што е потребна. Дури и воздухот што ни изгледа студен содржи доволно термална енергија што може да се искористи.
Но важи и спротивното: топлинските пумпи се извонреден извор на ладење во потопли клими, како што е јужна Европа.
2. Топлинските пумпи може да ви заштедат пари.
Бидејќи се многу поефикасни од гасните котли, топлинските пумпи може значително да ги намалат вашите сметки за енергија, особено во земји каде електричната енергија не е многу поскапа од природниот гас. Во просек, во ЕУ, преминувањето од гасен котел на топлинска пумпа може да ги намали трошоците за греење од 20% до повеќе од 60%, зависно од локалните цени на енергија и ефикасноста на домот.
Иако првичната инвестиција е повисока, работата на топлинската пумпа со текот на времето е поевтина. Се очекува дека почетните трошоци ќе продолжат да паѓаат со напредокот на технологијата и поголемата достапност. Во многу земји постојат лизинг модели, месечни претплати и јавни субвенции, кои им помагаат на домаќинствата да ги покријат трошоците за инсталација.
Во земји како Холандија, каде што електричната енергија е помалку од 1,5 пати поскапа од гасот, домаќинствата можат да ги намалат трошоците за греење до 80% само со замена на стар неефикасен котел со современа топлинска пумпа.
Во земји каде електричната енергија е над 3 пати поскапа од гасот, гасното греење сè уште може да има финансиска предност. Но, со забрзаниот раст на обновливите извори, електричната енергија станува сè поконкурентна. Од 2019 година, разликата меѓу цените на електричната енергија и гасот се намалува во најголем дел од ЕУ.
Дополнително, домаќинствата што комбинираат топлинска пумпа со соларни панели постигнуваат уште поголеми заштеди.
3. Не се потребни големи реновирања за топлинската пумпа да работи добро.
Подобрената изолација секогаш помага, но најголемиот дел од домовите не треба да прават драстични реновирања за да имаат корист од топлинска пумпа.
Постојат неколку видови:
- Воздух-воздух – директно го загреваат воздухот (или ладат).
- Воздух-вода (хидронични) – ја загреваат водата во радијаторите или подното греење.
- Вода-вода и геотермални – ја извлекуваат топлината од вода или од земјата.
Хидроничните пумпи работат најдобро кога треба да создаваат топла, а не врела вода, бидејќи загревањето на вода на висока температура бара многу енергија.
Во постари домови, топлинската пумпа може да биде многу ефикасна ако:
- радијаторите се доволно големи,
- има барем минимални подобрувања на изолацијата.
Многу домови веќе имаат предимензионирани радијатори, што е совршено за топлинска пумпа. Малите подобрувања, нови прозорци, изолација на ѕидови или покрив, дополнително ја зголемуваат ефикасноста.
Интересен факт: често е поевтино да се купи помала топлинска пумпа и да се вложи малку во изолација, отколку да се купи поголема пумпа без никакви подобрувања.
Воздух-воздух пумпите можат да го загреат секој објект поефикасно од котел или електрични грејачи дури и без други измени, но и тука, изолацијата секогаш носи дополнителни придобивки.
4. Електричната мрежа може да ја поддржи зголемената употреба на топлински пумпи.
Според проценките на ЕУ, до 2030 година во Европа може да има до 52 милиони топлински пумпи. Иако бројката е голема, тоа би претставувало само околу 5% од вкупната годишна потрошувачка на електрична енергија. Дури и во периоди на врвна потрошувачка, делот изнесува само околу 9%.
Производителите веќе се обврзаа да развиваат „енергетски паметни“ модели што автоматски ќе ја намалуваат потрошувачката и оптоварувањето на мрежата во критични часови.
Иако влијанието на топлинските пумпи врз мрежата е релативно мало, ЕУ активно работи на модернизација на електроенергетскиот систем.
Во земји каде топлинските пумпи ги заменуваат електричните радијатори, вкупната потрошувачка на електрична енергија дури и се намалува.
5. Современите топлински пумпи работат тивко.
Модерните топлински пумпи се дизајнирани да бидат што потивки. Нивото на бучава на надворешната единица во просек е 40–65 децибели, во зависност од големината и модело, што е еквивалентно на тивок разговор. Внатрешната бучава е уште пониска.
Извор: Европска комисија
