Соларната енергија е еден од најизобилните и најлесно достапни извори на обновлива енергија во светот. Но колку навистина знаете за неа?
Постојат неколку различни технологии што ја користат сончевата енергија на различни начини. Фотоволтаичните (PV) панели директно ја претвораат сончевата светлина во електрична енергија. Соларно-термалните панели ја користат топлината од сонцето. А концентрираната соларна енергија користи огледала за фокусирање на светлината и создавање на топлина и пареа за производство на струја.
Во 2008 година, соларната фотоволтаика учествуваше со само 1% во електричната енергија во Европа. Денес, тој удел во ЕУ достигнува 10%, а во некои земји како Грција дури и 23%, во Шпанија 19%, а во Германија 16%, што ја прави една од најбрзорастечките енергетски технологии во Унијата. Во периодот од 2022 до 2024 година беа додадени речиси 150 GW нов капацитет, доволен да снабдува околу 42 милиони домаќинства, а за 2025 година се очекуваат уште 70 GW. Овој брз раст е дел од пошироката заложба на ЕУ за премин кон чиста енергија. Целта е амбициозна: до 2030 година, ЕУ сака да достигне најмалку 700 GW нова соларна моќност, четирипати повеќе отколку во 2020. Промените веќе се во полн замав: во 2023 година, обновливите извори за првпат ги надминаа фосилните горива во електропроизводството (1.200 TWh наспроти 788 TWh), а до 2024 година, обновливите веќе учествуваат со рекордни 47% во вкупната електрична енергија. Главни носители на овој успех се ветерната и соларната енергија, којаа порасна за 15% во само една година.
И покрај растот и климатските придобивки, околу соларната енергија, особено фотоволтаиката, сè уште постојат недоразбирања и митови.
Време е да ги разјасниме фактите. Еве 5 клучни работи што треба да ги знаете за соларната енергија:
1. Фотоволтаичните системи се безбедни
Соларните панели се одлично дополнување на секој дом, произведуваат чиста електрична енергија, дури и кога е облачно. А кога станува збор за безбедност, тие се меѓу најсигурните технологии денес. Иако секој електричен уред носи некаков ризик од пожар, инцидентите со соларни инсталации се исклучително ретки.
Податоците од SolarPower Europe покажуваат дека во Германија (1993–2013) и Холандија (2015–2018), пожари предизвикани од соларни панели се јавиле во само 0,006% до 0,014% од случаите, што е значително помалку од многу други домашни уреди.
Проблемите најчесто се последица на лоша инсталација или неисправни компоненти, а не на самата технологија. Во цела Европа постојат строги регулативи што ја гарантираат безбедноста на соларните системи. Панелите, без разлика дали се произведени во ЕУ или увезени, мора да исполнуваат високи технички стандарди. Мајсторите кои ги инсталираат, пак, мора да имаат соодветна обука и сертификати, според правилата од Директивата за обновлива енергија.
2. Соларните панели не заземаат многу простор
Соларната енергија може да се прилагоди на различни простори. Панелите може да се постават на покриви, тераси, дури и на балконски огради. Во некои земји од ЕУ, граѓаните можат да инсталираат „приклучи и користи“ (plug-in) панели што се директно поврзани со куќната мрежа, и така самостојно да си произведуваат струја и да ги намалат сметките.
Дури и ако вашиот покрив не е погоден за соларни панели, постои алтернатива. Преку енергетски заедници, граѓаните, општините и бизнисите можат заеднички да инвестираат во соларни проекти. Дури и ако панелите не се на вашата зграда, можете да учествувате во нивната употреба и придобивки. Освен тоа, електричната енергија може да се споделува со соседи, роднини или пријатели.
Иако големите соларни фарми зафаќаат повеќе земјиште, тие стануваат сè поефикасни. На пример, соларниот парк Сестас во Франција се протега на 265 хектари и може да напојува повеќе од 70.000 домаќинства годишно.
Постојат и иновативни решенија – како агросоларните системи, кои комбинираат соларна енергија со земјоделие. Се поставуваат панели над обработливото земјиште, без да се попречи земјоделската работа. А тука се и пловечките соларни системи, инсталации на езера или вештачки акумулации, кои нудат начин за зголемување на соларната енергија без да се зафаќа копнена површина.
3. Соларните електрани и природата можат да живеат во хармонија
Секоја човечка активност има одредено влијание врз природата, но климатските промени се најголемата закана за биодиверзитетот. Ако глобалната температура се зголеми за 1,5°C, ќе исчезне половина од животната средина за 6% од инсектите, 8% од растенијата и 4% од ‘рбетниците. А ние веќе се движиме кон 2°C или повеќе, што значи уште поголема загуба на живиот свет.
Соларната енергија помага да се заменат фосилните горива и да се намалат емисиите на стакленички гасови, клучен чекор за справување со климатските промени. Секако, нејзиното ширење треба да се спроведува внимателно, со почит кон природата. Истражувањата на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија покажуваат дека можеме да го заштитиме биодиверзитетот и истовремено да инвестираме во чиста енергија.
Со добра планска политика, соларните фарми можат да придонесат за обновување на деградирано земјиште или повторна употреба на индустриски зони. Инсталации на покриви, пак, немаат никаков ефект врз природата, тие користат веќе изградени површини, се поставуваат брзо и ги заштитуваат потрошувачите од нестабилни цени на енергијата. Научни анализи покажуваат дека покривите би можеле да обезбедат до 25% од електричната енергија на ЕУ – огромен неискористен потенцијал.
4. Соларната енергија е економски исплатлива
Во 2024 година, речиси половина од електричната енергија во Европа беше произведена од обновливи извори, што е голем скок споредемно со 30% во 2015 година. Но, и покрај овој напредок, многу граѓани се соочуваат со високи сметки, особено по 2021 година, кога цените нагло пораснаа поради геополитичките тензии и зависноста од увозни фосилни горива.
Соларната енергија, како и ветерната, е далеку поевтина опција. Според Меѓународната агенција за енергија, соларната енергија денес е една од најевтините технологии за ново електропроизводство. Трошоците за изградба на нови капацитети драматично се намалија во последната деценија и за фотоволтаични и за концентрирани соларни системи. Соларната енергија веќе е поевтина од јагленот.
Освен пониските трошоци и помалите емисии, инвестициите во соларна енергија ѝ помагаат на ЕУ да се ослободи од зависноста од увоз на енергенси, особено гас – што ја зајакнува енергетската безбедност на континентот.
5. Соларната енергија ја зајакнува отпорноста на енергетскиот систем
Сигурен и отпорен енергетски систем е клучен за безбедноста, економската стабилност и благосостојбата на Европа. А соларната енергија тука има важна улога.
Големата предност е што често се произведува таму каде што се троши, на покриви, индустриски објекти и мали бизниси. Во 2024 година, дури 58% од соларната моќност во ЕУ доаѓа од вакви дистрибуирани (децентрализирани) извори, наспроти 42% од големи централи.
Со додавање батерии, системите можат да обезбедуваат струја дури и ноќе или при прекини во мрежата. На пример, при краткиот прекин на струја во Пиринејскиот Полуостров во април 2025 година, Универзитетот во Алмерија продолжи со работа благодарение на својот соларен систем и батерии, системот се активираше за само 10 секунди.
Иако соларната енергија е варијабилна, мрежните оператори користат модерни алатки и технологии за балансирање на мрежата. Разновидноста на обновливи извори, флексибилноста, складирањето и дури и нуклеарната енергија се дел од решението за сигурен и нискојаглероден енергетски систем.
Дополнително, фотоволтаичните системи можат да понудат важни мрежни услуги – придонесувајќи кон стабилноста на електричната мрежа.
Заклучок
Соларната енергија помина долг пат од 1839 година, кога францускиот физичар Едмон Бекерел откри дека сончевата светлина може да создаде електрична енергија. Денес, таа не е само чист извор на енергија, туку двигател на економија, вработување и одржлива индустрија во Европа.
Секторот расте брзо. Бројот на вработени во овој домен во ЕУ кон крајот на 2023 година, изнесувапе 826.000 лица, што е раст од 27% во однос на претходната година. Ако се задржи истиот тренд, до 2027 година овој број може да надмине 1 милион.
Освен што отвора работни места, соларната енергија го зајакнува енергетскиот суверенитет на Европа. Со сопствено производство на чиста енергија, го намалуваме увозот на фосилни горива, ја зголемуваме безбедноста и им помагаме на граѓаните и фирмите да заштедат на сметките.
Извор: Европска комисија