Амстердам. 8 октомври 2025 – Белгискиот град Вилворд доби нов енергетски капацитет — завршена е првата фаза од изградбата на најголемиот батериски систем за складирање електрична енергија во континентална Европа. Компаниите Sungrow и ENGIE успешно го поврзаа системот од 100 MW со капацитет од 400 MWh на електричната мрежа.
Главен инвеститор и проектен раководител е ENGIE, една од водечките европски компании во областа на обновливите извори на енергија. Таа го интегрираше батерискиот систем во белгискиот енергетски систем и управува со неговото функционирање, со цел зголемување на флексибилноста и подобра искористеност на обновливите извори.
Технолошки партнер на проектот е Sungrow, специјализирана за развој и производство на фотонапонски инвертори и системи за складирање енергија. Во првата фаза се инсталирани 320 напредни PowerTitan батериски единици, кои користат течна ладење за поголема густина и подобри термални перформанси.
По завршувањето на втората фаза, предвидено за крајот на 2025 година, системот ќе достигне вкупен капацитет од 200 MW и 800 MWh, што ќе придонесе за поголема стабилност и сигурност на електричната мрежа. Батериите ќе овозможат складирање на вишокот енергија во периоди на високо производство и нејзино пренасочување во време на зголемена потрошувачка — чекор кој ќе ја олесни интеграцијата на обновливите извори во постојната инфраструктура.
Локацијата во Вилворде првично била планирана за изградба на гасна електрана, но административните пречки при добивањето дозволи го пренасочиле проектот кон изградба на батериски систем.
Иако Sungrow го нарекува проектот најголем во континентална Европа, според PV Magazine, во Бугарија уште во мај годинава беше пуштен во употреба систем со капацитет од 124 MW/496 MWh. Белгискиот проект ќе го преземе приматот дури по неговото комплетирање. Најголемиот батериски систем на ниво на цела Европа засега останува Thurrock во Обединетото Кралство, со капацитет од 300 MW/600 MWh.
Извор: Sungrowpower.com