Во Скопје отворен светскиот форум за одржлива енергија IFESD-14

Скопје. 28 октомври 2025 – Во присуство на повеќе од 500 претставници од целиот свет, во Скопје беше отворен 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), под наслов Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и петте Регионални економски комисии на Обединетите нации.

ФОТО / МЕРМС

„Во следните три дена, Македонија ќе биде центарот на глобалниот енергетски дијалог. Ќе зборуваме за енергетската транзиција, за технологијата, за пазарите, но пред сè, за луѓето зад таа транзиција, за начинот на кој живееме, начинот на кој произведуваме енергија и соработуваме за да обезбедиме енергетска сигурност, изјави на отворањето на Форумот, во Филхармонијата на Република Македонија, Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. „Енергетската отпорност денес значи способност системот да издржи, да се прилагоди и да продолжи да функционира дури и во услови на глобална неизвесност и геополитички потреси“, потенцираше Божиновска.

На Форумот, на кој ќе зборуваат 170 говорници, високи претставници на меѓународни институции, економски лидери, академици и експерти, се обрати и премиерот Христијан Мицкоски.

РЕКЛАМА

ФОТО / МЕРМС

„Светот денес се менува со забрзано темпо. Она што порано значеше сигурно снабдување, денес подразбира флексибилен систем, отпорен пазар и чисти извори.
Енергетската стабилност веќе не е само економско прашање, туку и прашање на безбедност. Глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е предуслов за економска слобода. А, без слобода нема развој, нема стабилност, нема достоинство“, рече премиерот Мицкоски на отворањето на Форумот.

Нашата влада, додаде Мицкоски, цврсто стои зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, но уште поважно, ја гради врската меѓу политиката и визијата.

ФОТО / МЕРМС

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан истакна дека решенијата за одржлива енергија не се избор, туку неопходност. „Сега мора да преминеме од ветувања кон реална имплементација. Одржливата енергија е во сржта на нашата заедничка иднина. Во целиот свет УНДП активно работи на унапредување на оваа агенда. Овде во земјата, преку проектите Зелен финансиски инструмент и Справување со аерозагадувањето, УНДП работи на подобрување на енергетската ефикасност и намалување на загадувањето на воздухот. Им помагаме на семејствата да ги загреваат своите домови на чист и одржлив начин, овозможуваме бизнисите да инвестираат во зелени решенија, создаваме поздрави заедници и нови можности за раст“, изјави Григорјан.

ФОТО / МЕРМС

„Денес стоиме на раскрсница кога станува збор за мултилатерализмот во енергетиката. Глобалната енергетска транзиција не е само историска можност за одржлив развој, туку и голема одговорност. Мора да изградиме отпорни енергетски системи кои ќе обезбедат сигурно, достапно и еколошки одржливо снабдување со енергија. Знаеме дека никој од нас не може да успее ако работи сам. За да бидеме успешни, мора да ги вклучиме сите засегнати страни, да ги процениме социо-економските влијанија и целосно да ги разбереме последиците од нашите политички одлуки“, рече Татјана Молчан, Генерална потсекретарка на Обединетите нации и извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа.

Во следните три дена, Форумот, на кој присуствуваат претставници од повеќе од 70 земји од светот, ќе опфати повеќе аспекти од енергетската транзиција, од поттикнување на развојот на е-мобилноста, до обезбедување праведна транзиција во која никој нема да биде изоставен. Преку споделување на национални и регионални стратегии за забрзување на чистата енергетска трансформација, претставување на иновативни технологии и решенија од меѓународни организации, приватниот сектор и академијата, како и преку презентирање механизми за финансирање и партнерства за нови инвестиции, учесниците на ќе се обидат да понудат практични решенија за праведна транзиција што ќе придонесе за изградба на отпорни енергетски системи на глобално ниво.

Светскиот форум, кој се одржува секоја година, од 2010 година наваму и прерасна во водечка глобална платформа за унапредување на одржливата енергија оваа година е организирано од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации (UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA).

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални ресурси

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба