Влијанието на Американските санкции против „Лукоил“ врз Македонија и регионот

SONY DSC

Најновите санкции што САД ги воведоа против руските нафтени компании „Лукоил“ и „Росњефт“ засега нема да имаат директно влијание врз снабдувањето со горива во Македонија и регионот. Иако мерките на Вашингтон се дел од поширок притисок врз руската економија, институциите во земјава уверуваат дека домашниот пазар останува стабилен, а компанијата „Лукоил Македонија“ продолжува со редовна работа.

Македонија: стабилно снабдување, можни берзански промени

Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за Телевизија 24 во текот на вчерашниот ден изјавија дека американските санкции немаат директен ефект врз македонскиот нафтен пазар, бидејќи најголемиот дел од увозот на деривати не потекнува од Русија.

„Над 80% од увезената нафта доаѓа од Грција, околу 10% од Бугарија, а остатокот од Албанија, Србија, Црна Гора и Романија. Во Македонија нема увоз на руска нафта ниту директно ниту посредно,“ наведуваат од РКЕ.

РЕКЛАМА

Сепак, Комисијата предупредува дека санкциите би можеле индиректно да влијаат на цените, бидејќи при пресметката на малопродажните цени на горивата се земаат предвид и меѓународните берзански котации, како и курсот на доларот.

Истовремено, од Владата за Телевизија 24 соопштија дека институциите меѓусебно ја анализираат новонастанатата ситуација:
„Во моментов се прави проценка на можните економски и енергетски последици од санкциите. Резултатите од анализата ќе бидат соопштени во текот на следната недела,“ велат од Владата.

Во земјава „Лукоил Македонија“ е активен од 2005 година и има повеќе од 40 бензински станици низ државата. Компанијата е дел од меѓурегионалната група на „Лукоил Балкан“ и се занимава со продажба на големо и мало на нафтени деривати.

Србија: „Лукоил Србија“ работи нормално, без ограничувања

Во Србија, каде што „Лукоил“ е присутен од 2003 година и располага со околу 112 бензински пумпи, компанијата потврди дека засега нема никакви оперативни потешкотии.

„Сите деловни активности, набавка, транспорт и плаќања во големопродажбата и малопродажбата, се одвиваат без ограничувања. Се консултираме со правни експерти за дометот на санкциите и остануваме посветени на почитување на националните и меѓународните прописи,“ соопштија од „Лукоил Србија“ за белградскиот весник Политика.

Експертите во Белград оценуваат дека новите американски мерки би можеле индиректно да влијаат врз „Нафтената индустрија на Србијa“ (НИС), која е делумно во руска сопственост, но не очекуваат прекин на снабдувањето со горива.

Српската влада веќе обезбедила дополнителни количини на нафта и деривати преку Унгарија и Хрватска, за да избегне можни пазарни турбуленции.

Црна Гора: без руска нафта, горивото доаѓа од Грција и Хрватска

Слична слика и во Црна Гора. Подружницата „Лукоил Монтенегро“, која има десет бензински пумпи и пазарен удел од околу 15%, потврди дека не е погодена од санкциите, бидејќи не користи руска нафта.

„Во Црна Гора одамна нема руски енергенси. ‘Лукоил Монтенегро’ горивата ги набавува од Грција преку ‘Југопетрол’, кој е во сопственост на грчката компанија ‘Еко Хеленик Петрол’. Работиме нормално, без ограничувања во снабдувањето или плаќањата,“ изјавија за весникот Вијести.

Црногорската филијала минатата година оствари приход од речиси 48 милиони евра и нето-профит од 1,9 милиони евра.

Регионален контекст: санкции со глобален одек, но мал регионален ризик

Санкциите што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп против „Лукоил“ и „Росњефт“ се мотивирани од одбивањето на Москва да стави крај на војната во Украина. Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, изјави дека двете компании финансираат значителен дел од „воената машинерија на Кремљ“ и дека новите мерки имаат за цел да го ограничат тој прилив на средства.

Иако ударот е насочен кон руската економија, економските последици се чувствуваат и во другите држави кои зависат од енергетски увоз. Според првичните анализи на Блумберг, „Лукоил“ и „Росњефт“ заедно извезуваат повеќе од 3 милиони барели нафта дневно, што е речиси половина од рускиот извоз.

Но, според балканските енергетски експерти, Балканот нема да се соочи со сериозни нарушувања. Пазарите се веќе диверзифицирани, а регионалните компании имаат алтернативни извори од Грција, Хрватска и други земји од ЕУ.

„Можно е краткорочно зголемување на берзанските цени од 3 до 4%, но тоа не би требало значително да ги погоди потрошувачите ако глобалниот пазар се стабилизира во наредните недели,“ велат аналитичари од Црна Гора.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба