Унгарски MOL: Ќе ја снабдуваме Србија без прекин

Будимпешта. 10 октомври 2025 – Унгарската нафтена компанија MOL соопшти дека ќе продолжи непречено да ја снабдува Србија со гориво, и покрај американските санкции воведени кон Нафтната индустрија на Србија (НИС). Од компанијата порачаа дека Србија може целосно да се потпре на нивната поддршка и партнерство во овие кризни моменти.

„MOL Србија работи без прекин. Ги преземаме сите неопходни мерки за да обезбедиме сигурни и стабилни испораки на гориво до нашите партнери и потрошувачи во земјата“, се наведува во официјалното соопштение на компанијата.

Компанијата нагласува дека Србија е еден од најважните пазари на MOL Групацијата во регионот и дека останува посветена на зачувување на енергетската стабилност и сигурноста на снабдувањето, и покрај актуелните логистички ограничувања.

РЕКЛАМА

За таа цел, MOL најавува дополнителни инвестиции во проширување на складишните капацитети, јакнење на локалното присуство и развој на својата продажна мрежа.
„Србија може да смета на нас – вистинското партнерство се докажува токму кога е најпотребно“, стои во соопштението на компанијата.

Поддршка за Србија стигна и од унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, кој најави зголемени испораки на нафта и деривати преку MOL.

„Нашите српски пријатели можат да сметаат на нас. MOL, како најголема енергетска компанија во регионот, ќе обезбеди зголемени количини на гориво за Србија“, изјави Сијарто.

Тој, сепак, предупреди дека MOL не може целосно да ги надомести количините што пристигнуваа преку хрватскиот нафтовод ЈАНАФ, истакнувајќи дека ситуацијата уште еднаш ја потврдува ризичноста на зависноста од само еден нафтовод.

Американските санкции кон НИС, која е во мнозинска сопственост на рускиот „Гаспром“, го усложнија снабдувањето со сурова нафта. Според претседателот на Србија Александар Вучиќ, рафинеријата во Панчево ќе може да работи до крајот на месецот, а сегашните резерви на деривати ќе бидат доволни до крајот на годината.

Податоците на Секретаријатот на Енергетската заедница покажуваат дека Србија во јули располагала со резерви што покриваат 43,8 дена просечен нето увоз, значително под задолжителниот минимум од 90 дена.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба