Унгарија одбива да се откаже од руската нафта, и покрај барањата на Трамп до НАТО

Њујорк. 24 септември 2025 – Унгарија нема да се откаже од увозот на руска енергија, изјави шефот на дипломатијата Петер Сијарто, и покрај инсистирањето на американскиот претседател, Доналд Трамп, НАТО-сојузниците да престанат со купување руска нафта.

„Не можеме да обезбедиме сигурно снабдување на нашата земја без руски извори на нафта или гас,“ нагласи Сијарто на маргините на Генералното собрание на ОН. „Може да се сонува за алтернативи, но инфраструктурата е јасна – без Русија нема безбедно снабдување.“

Изјавата доаѓа по новиот услов што го постави претседателот Трамп: воведување дополнителни санкции кон Москва само доколку сите НАТО-членки прекинат да купуваат руска енергија. „Подготвен сум за големи санкции кон Русија кога сите НАТО-нации ќе го сторат истото,“ порача Трамп претходно, преку својата платформа Truth Social.

РЕКЛАМА

Најголемиот дел од унгарските и словачките рафинерии се потпираат на нафтата што пристигнува преку „Дружба“ нафтоводот – околу пет милиони тони годишно. Двете земји се најгласни противници на прекин на снабдувањето, што ја става Унгарија во директен судир со Брисел.

Претседателот на Финска, Александар Стуб, предупреди дека „притисокот мора да се насочи кон Будимпешта и Братислава“, додека полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски ја повика Унгарија да ја послуша пораката на Трамп и да најде алтернативни извори „од југ“.

Сијарто, пак, ги нарече западноевропските претставници „фанатици“ и оцени дека „невозможно е да се води рационален дијалог заснован на факти“. Тој нагласи дека, за разлика од заладените односи со ЕУ, со САД односите „значително се подобриле“, додавајќи дека владата на Виктор Орбан „единствено во Европа навива за победата на Трамп“.

Брисел, во меѓувреме, разгледува можност за воведување ограничувања на транспортот на нафта преку нафтоводите, кои би можеле да стапат на сила и без согласност на Унгарија и Словачка – потег што може дополнително да ја продлабочи изолацијата на Будимпешта во рамки на ЕУ.

Извор: Theguardian.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба