Турција воведува флексибилни тарифи за полнење електрични возила

Турција воведува флексибилно одредување на цените за услугите за полнење на електрични возила, со цел намалување на трошоците за корисниците и поттикнување на нови инвестиции во инфраструктурата. Одлуката ја донесе Регулаторната комисија за енергетскиот пазар на Турција.

Со измените на правилникот, операторите ќе можат да применуваат динамични тарифи, односно различни цени во зависност од периодот на денот и побарувачката. Целта е да се стимулира полнење во часови со помала потрошувачка на електрична енергија, со што ќе се намали притисокот врз електроенергетската мрежа и поефикасно ќе се искористи постојната инфраструктура.

Новата регулатива предвидува и поедноставување на тарифниот систем преку воведување единствена цена за полначи со наизменична струја (AC – бавно полнење) и полначи со еднонасочна струја (DC – брзо полнење), што треба да обезбеди поголема транспарентност и полесна споредливост на цените за корисниците.

РЕКЛАМА

Од 1 јули 2026 година, сите новоинсталирани брзи полначи на автопатишта и државни патишта ќе мора да бидат опремени со систем за плаќање со кредитна картичка, со цел поедноставување на пристапот и зголемување на сигурноста на трансакциите.

Според Беркан Бајрам од Здружението за електрични и хибридни возила на Турција, доколку корисниците се насочат кон ноќни тарифи наместо кон пик часовите, месечните трошоци за полнење може да се намалат и до 60%. Тој оцени дека јасната регулаторна рамка и можноста за попусти во периоди на слаба побарувачка ќе го скратат рокот на поврат на инвестициите и ќе го поттикнат понатамошниот развој на пазарот на електрични возила во земјата.

Извор: Aa.com.tr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил