Истанбул, 25 септември 2025 – Турција склучи стратешки 20-годишен договор со трговската компанија Меркуриа за набавка на течен природен гас (LNG) од САД, соопшти турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар. Потегот се случи во чувствителен момент, во предвечерјето на средбата меѓу претседателот Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон одржана во текот на вчерашниот ден.
Според договорот, државната компанија БОТАШ обезбедува годишна испорака од 4 милијарди кубни метри LNG од 2026 година, со вкупно предвидени 70 милијарди кубни метри во текот на траењето на договорот. Гасот ќе се товари во терминали во САД, а ќе се истоварува во Турција, Европа и Северна Африка.
„Овој договор значително ќе придонесе кон постигнување на целта од 100 милијарди долари трговска размена со САД,“ изјави Бајрактар, нагласувајќи дека договорот ќе ја зајакне енергетската безбедност и диверзификацијата на турските извори на енергија.
Договорот со Меркуриа е дел од поширока стратегија на Анкара за диверзификација на снабдувањето. Турција годинава се соочува со истекување на договори за увоз на најмалку 16 милијарди кубни метри гас од Русија – нејзиниот најголем снабдувач кој лани покриваше 40% од турскиот увоз од вкупно 52 милијарди кубни метри. САД, пак, беа петти по ред со околу 10% удел.
Покрај тоа, БОТАШ потпиша и преддоговор со австралиската Woodside Energy, кој предвидува деветгодишни испораки на 5,8 милијарди кубни метри LNG, што ќе започнат во 2030 година, претежно од проектот во Луизијана.
Енергетските договори доаѓаат во период кога Анкара испраќа позитивни сигнали кон Вашингтон. Оваа недела Турција ги укина контрамерките од 2018 година и тарифите за увоз на американски автомобили и овошје, потег што се толкува како гест на добра волја пред средбата на Ердоган со Трамп.
Извор: Ројтерс