Анкара. 20 Mај 2025 – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 18ти мај соопшти дека земјата открила нови резерви на природен гас од околу 75 милијарди кубни метри, што се смета за значаен чекор кон енергетската независност на Турција.
Новото наоѓалиште се наоѓа во длабинската бушотина Гоктепе-3, на околу 69 километри западно од постојното гасно поле Сакарија и 165 километри од турскиот брег. Истражувањето започнало на 27 март и траело 50 дена, пред да биде официјално објавено на 16 мај.
Истражувачките работи ги спроведувал најнапредниот турски брод за длабоководно бушење, Абдулхамид Хан, дизајниран за работа во гасни резервоари под висок притисок.
Според првичните проценки, вредноста на новооткриеното наоѓалиште достигнува околу 30 милијарди долари, а резервите би можеле да ги покријат потребите на турските домаќинства за околу три и пол години.
„Во областа на енергетиката ќе продолжиме да работиме неуморно, без паузи и без да обрнуваме внимание на пречките или критиките, сѐ додека не ја оствариме целта – целосно енергетски независна Турција“, порача Ердоган преку својот Инстаграм профил.
Според Центарот за истражување на енергетски стратегии и политики (TESPAM), производството од новото наоѓалиште ќе се одвива во фази, при што се очекува максималната годишна продукција да достигне околу шест милијарди кубни метри.
Турските гасни полиња во Црното Море моментално испорачуваат приближно 9,5 милијарди кубни метри гас годишно, со што се снабдуваат околу четири милиони домаќинства. Анкара планира до 2026 година да ја удвои, а до 2028 да ја учетворостручи домашната продукција на природен гас.
Со ова откритие, вкупните потврдени резерви на Турција во Црното Море сега изнесуваат 785 милијарди кубни метри. Турција, која увезува повеќе од 90% од својата енергија, се стреми да ги намали трошоците за увоз, да развива сопствени ресурси и да ги прошири меѓународните партнерства за истражување на нафта и гас.
Извор: Енергетски портал