Њујорк/Каракас – Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека големите американски нафтени компании ќе се вратат во Венецуела и ќе инвестираат во обновата на нафтената инфраструктура, по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во рамки на успешно спроведената американска воена операција минатиот петок.
Трамп изјави дека САД привремено ќе управуваат со Венецуела и дека огромните нафтени резерви на земјата ќе бидат модернизирани и искористени, нагласувајќи дека Венецуела, која располага со најголемите докажани резерви на нафта во светот, ќе стане повторно атрактивна за инвестиции. Тој рече дека американските нафтени компании ќе вложат милијарди долари за да ја обноват „тешко оштетената“ инфраструктура, да го зголемат производството и да пласираат значителни количини нафта на меѓународниот пазар. Претседателот додаде дека компаниите ќе бидат обештетени, без да наведе дополнителни детали.
Од компаниите следеа воздржани реакции, ConocoPhillips соопшти дека го следи развојот на настаните и дека е прерано да се шпекулира за идни инвестиции, додека Chevron истакна дека останува фокусиран на безбедноста на вработените и работењето во согласност со сите релевантни закони и прописи.
Инаку, Венецуела располага со околу 303 милијарди барели сурова нафта, што претставува приближно една петтина од светските резерви, според податоци на американската Управа за енергетски информации (EIA). И покрај тоа, земјата моментално произведува околу еден милион барели дневно, што е значително помалку во споредба со периодот пред доаѓањето на Николас Мадуро на власт и пред национализацијата на нафтениот сектор.
Падот на производството е резултат на меѓународните санкции, долгогодишниот недостиг од инвестиции и слабата одржливост на инфраструктурата. Тешката и сулфурна венецуелска нафта бара сложена преработка, но е важна за производство на дизел и други нафтени деривати.
И покрај најавите, американскиот ембарго на венецуелската нафта засега останува во сила. Реакцијата на светските нафтени пазари се оценува како умерена, со оглед на тоа што сегашното производство на Венецуела е релативно ниско и може да се надомести од други глобални производители.
Енергетика 24
