Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД привремено ќе укинат дел од санкциите поврзани со нафтата со цел да се обезбеди доволна понуда на пазарот и да се намалат цените на енергенсите.
Говорејќи на прес-конференција во својот голф-клуб во Дорал, Трамп рече дека мерката ќе важи додека повторно не се стабилизира транспортот на нафта преку Ормускиот теснец, кој е клучен поморски коридор низ кој поминува околу една петтина од светското снабдување со нафта.
„Имаме санкции кон некои земји. Ќе ги укинеме тие санкции додека теснецот повторно не биде целосно функционален“, изјави Трамп.
Во меѓувреме, Белата куќа разгледува и други можности за ограничување на растот на цените на нафтата, кои во понеделникот надминаа 100 долари за барел поради војната со Иран и нападите врз нафтената инфраструктура. Според извори запознаени со разговорите, меѓу опциите се и координирано ослободување на нафта од стратешките резерви со земјите од Г7, ограничување на американскиот извоз, како и привремено намалување на одредени федерални даноци.
Глобалните цени на суровата нафта накратко достигнаа и до 119 долари за барел, највисоко ниво од средината на 2022 година, откако на 28 февруари започнаа американско-израелските воени операции против Иран. Порастот на цените на нафтата доведе и до поскапување на бензинот и другите горива.
Аналитичарите предупредуваат дека можностите на Вашингтон да влијае врз глобалниот пазар се ограничени сè додека конфликтот го попречува извозот на нафта од Блискиот Исток преку Ормускиот теснец. Долготрајниот раст на цените на горивата би можел дополнително да ја зголеми инфлацијата и да ја оптовари американската економија во пресрет на конгресните избори во ноември.
Извот: Ројтерс
