Париз. 11 март 2026 – Лидери на држави и влади, претставници на меѓународни организации, финансиски институции, енергетската индустрија и експерти од повеќе од 60 земји учествуваа на Самитот за нуклеарна енергија што вчера се одржа во Париз. Настанот го отворија францускиот претседател Емануел Макрон и генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Маријано Гроси.
Самитот, кој се надоврзува на првото издание одржано во Брисел во 2024 година, се одржува во период кога во светот повторно расте интересот за нуклеарната енергија како дел од транзицијата кон чисти извори на енергија и обезбедување стабилни енергетски системи.

Во своето обраќање, Макрон истакна дека нуклеарната енергија претставува „извор на напредок и просперитет“, нагласувајќи дека таа овозможува постигнување на три клучни цели и тоа, поевтино производство на електрична енергија, намалување на емисиите на јаглерод диоксид и поголема енергетска независност. Тој додаде дека во актуелниот геополитички контекст зависноста од увоз на фосилни горива може да се претвори во средство за политички притисок и дестабилизација.

Слична порака испрати и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која оцени дека откажувањето на Европа од нуклеарната енергија во изминатите децении било „стратешка грешка“. Таа предупреди дека зависноста од увоз на фосилни горива ја става Европа во неповолна позиција во однос на другите региони.
„За фосилните горива целосно зависиме од скапи и нестабилни увози. Тоа создава структурен хендикеп за Европа“, изјави фон дер Лајен, посочувајќи дека актуелната криза на Блискиот Исток дополнително ја нагласува ранливоста на континентот.
Според неа, нуклеарната енергија и обновливите извори заедно можат да бидат „гаранција за енергетска независност, сигурност во снабдувањето и економска конкурентност“. Таа потсети дека во 1990 година околу една третина од електричната енергија во Европа се произведувала од нуклеарни централи, додека денес тој удел е намален на околу 15%.
Како дел од новата стратегија за развој на нуклеарни технологии, Европската комисија најави гаранциски фонд од 200 милиони евра за поддршка на инвестиции во иновативни нуклеарни проекти. Посебен акцент се става на развојот на мали модуларни реактори (SMR), за кои Брисел очекува да станат оперативни во Европа во почетокот на 2030-тите години.
Малите модуларни реактори се напредни нуклеарни реактори со капацитет до околу 300 мегавати електрична енергија по единица, приближно една третина од капацитетот на класичен реактор. Поради нивниот модуларен дизајн и поедноставена изградба, тие се сметаат за пофлексибилно и потенцијално поевтино решение за идните енергетски системи.

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Маријано Гроси, нагласи дека нуклеарната енергија не е само алтернативна или „пожелна“ опција, туку стратешка можност за идниот економски развој. Тој истакна дека глобалните трендови – како електрификацијата, дигитализацијата и развојот на вештачката интелигенција, ќе бараат стабилни и сигурни извори на електрична енергија.
„Околу 60 земји во светот размислуваат за развој или проширување на нуклеарните програми. Но, за нуклеарната енергија да стане реална опција, потребни се предвидливи политики, стабилни синџири на снабдување и достапни финансиски модели“, изјави Гроси.
Во текот на самитот учесниците дискутираа за повеќе клучни теми, меѓу кои продолжување на работниот век на постојните реактори, изградба на нови нуклеарни централи, развој на напредни технологии, безбедносни стандарди, како и подготовка на квалификуван кадар за нуклеарниот сектор. Посебно внимание беше посветено на меѓународната соработка и на можностите за финансирање на нови нуклеарни проекти, особено во земјите што планираат да воведат нуклеарна енергија.
Според податоците на МААЕ, нуклеарната енергија во моментов обезбедува околу 10% од глобалното производство на електрична енергија. Во светот работат околу 440 нуклеарни реактори во триесетина земји.
Интересот за нуклеарната енергија повторно се зголеми во последните години, по периодот на стагнација што следеше по нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011 година и претходно по несреќата во Чернобил во 1986 година. Денес, во услови на борба против климатските промени и стремеж кон енергетска независност, нуклеарната енергија повторно се разгледува како важен дел од глобалниот енергетски микс.
Отворањето на самитот накратко беше прекинато од двајца активисти на организацијата „Гринпис“, кои се искачија на бината додека Макрон ги поздравуваше учесниците и развиорија транспарент со порака „Нуклеарната енергија ја финансира војната на Русија“. Еден од активистите извика прашање за увозот на ураниум од Русија, по што двајцата беа отстранети од обезбедувањето.
Франција, како домаќин на самитот, останува водечка нуклеарна сила во Европа. Според системот PRIS на МААЕ, земјата во 2025 година имала 57 нуклеарни реактори со вкупен капацитет од околу 63 гигавати, кои произведуваат приближно 373 терават-часови електрична енергија годишно, околу две третини од вкупното производство на струја во земјата, што е највисок удел на нуклеарна енергија во светот.
Енергетика 24
