Вашингтон. 12 јуни 2025 – Светската банка по повеќе од шест децении ја укина забраната за финансирање нуклеарна енергија, со цел да го поттикне развојот на нискоемисиони технологии и да одговори на наглото зголемување на побарувачката за електрична енергија во земјите во развој.
Во интерна порака до вработените, претседателот на Светската банка, Аџеј Банга, најави дека институцијата ќе почне да се враќа во нуклеарниот сектор во соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Поддршката ќе се фокусира на продолжување на животниот век на постоечките нуклеарни централи, подобрување на енергетските мрежи и придружната инфраструктура.
Одлуката доаѓа во период кога се очекува побарувачката за струја во земјите во развој да се удвои до 2035 година. За да се одговори на овој предизвик, Банга посочи дека годишните инвестиции во производство, мрежи и складирање ќе треба да се зголемат од сегашните 280 на 630 милијарди долари.
Новата стратегија на банката предвидува поддршка за различни енергетски извори, од соларна и ветерна, до геотермална, хидро и гасна енергија, без да се ограничуваат обновливите извори. Дополнително, ќе се вложува и во развој на мали модуларни реактори како достапна опција за повеќе земји.
Иако одборот на банката сѐ уште не донел одлука за финансирање на експлоатација на нови извори на природен гас, Банга истакна дека ова прашање останува отворено за натамошни разговори.
Одлуката претставува голем пресврт за нуклеарната индустрија, која се соочи со остар пад по катастрофата во Фукушима во 2011 година. Но, климатската криза и зголемената побарувачка за електрична енергија, особено поради растот на вештачката интелигенција, повторно ја вратија нуклеарната енергија во фокусот.
На климатскиот самит COP28 во Дубаи, над 30 земји ветија тројно зголемување на глобалниот нуклеарен капацитет до 2050 година во обид да се исполнат климатските цели од Парискиот договор.
Светската банка последен пат финансираше нуклеарен проект во 1959 година. Долгогодишната забрана беше поддржана од Германија, но новата влада на канцеларот Фридрих Мерц го напушти таквиот ригиден став, отворајќи пат за нова енергетска политика и во рамки на Европската Унија.
Извор: Financial Times