NEXT Energy со прва фасада од прозорци што произведуваат енергија

Американската компанија NEXT Energy Technologies ја претстави првата во светот комерцијална фасада со прозорци кои генерираат електрична енергија преку транспарентни органски фотонапонски (OPV) премази. Инсталацијата е поставена во седиштето на компанијата во Санта Барбара, Калифорнија, и претставува клучен чекор кон комерцијализација на оваа технологија.

Фасадата содржи шест високо-транспарентни фотонапонски прозорци со димензии 100 на 150 сантиметри, што заедно претставуваат површина од околу 9,3 квадратни метри енергетски активно стакло. Ова е прва големо-форматна демонстрација на технологија која овозможува самата фасада на една зграда да стане извор на чиста енергија.

Прозорците се изработени како изолациски стаклени единици, каде OPV премазот е нанесен на надворешната страна, а каблите се интегрирани во алуминиумската рамка. Во процесот учествуваа и специјализираните компании Viracon, која го испорача нискоемисионното стакло и изолациските компоненти, и Walters & Wolf, која го дизајнираше и ја инсталираше фасадната конструкција.

РЕКЛАМА

„Успешното скалирање на нашата технологија на големи стаклени површини отвора пат кон одржливи градби, каде фасадите повеќе нема да бидат само пасивен елемент, туку активен извор на енергија,“ изјави Даниел Емет, извршен директор и ко-основач на NEXT Energy.

Од компанијата нагласуваат дека ваквите фасади можат да обезбедат 20–25% од просечната годишна потрошувачка на електрична енергија на комерцијални згради, со што значително се намалува зависноста од електричната мрежа. Дополнително, преку апсорпција на инфрацрвеното зрачење, прозорците ја намалуваат топлината во внатрешноста на зградата и го намалуваат оптоварувањето на климатизациските системи.

„Ова е само почеток на она што го нарекуваме иднина на енергетски активни фасади. Нашата визија е прозорците да имаат двојна улога – и како дизајн-елемент, и како генератори на чиста енергија,“ додаде Џонатан Хафеман, потпретседател за комерцијализација и раст во компанијата.

Со оваа иновација, NEXT Energy ја става под прашање традиционалната улога на архитектонското стакло и најавува нова ера во одржливата градба и урбаниот дизајн, каде секоја површина на зградата може да придонесува кон енергетска независност и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Извор: Renewableenergymagazine.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба