Летната сезона без ризик: Европските авиокомпании уверуваат дека има доволно авионско гориво

Европските авиокомпании, аеродроми и туристички оператори се обидуваат да ја смират загриженоста околу можнниот недостиг на авионско гориво пред почетокот на летната сезона, и покрај една од најсериозните енергетски кризи во последните децении. Цените на горивото за авиони во меѓувреме се удвоија во однос на периодот пред конфликтот меѓу Иран и САД, кој сериозно го наруши транспортот на нафта низ Ормускиот теснец.

Иако аналитичарите и трговците со енергенси предупредуваат дека ситуацијата останува неизвесна, водечките европски авиокомпании тврдат дека засега нема опасност од прекини во снабдувањето. Според нив, алтернативни извори на гориво се веќе обезбедени, иако по значително повисоки цени.

Извршниот директор на туристичкиот гигант TUI, Себастијан Ебел, изјави дека во моментов нема индикации за недостиг на гориво во наредните недели, ниту пак очекува сериозно влијание врз летната сезона. Според него, единствениот ефект засега се повисоките трошоци.

РЕКЛАМА

Сличен став има и германската Луфтханза. Главниот извршен директор Карстен Шпор соопшти дека компанијата има обезбедено доволни количини гориво најмалку до средината на јули. Дел од количините кои претходно доаѓале од Персискиот Залив биле заменети со набавки од други пазари, додека остатокот се покрива од резерви.

Ирската Ryanair, како и унгарската Wizz Air, исто така сметаат дека ризикот од сериозни нарушувања постепено се намалува. Компаниите посочуваат дека високите цени на горивото ги мотивираат снабдувачите да пронаоѓаат нови рути и извори, вклучително и од САД и Нигерија.

Во меѓувреме, европските аеродроми значително ги зголемиле резервите. Според податоци на компанијата i6 Group, залихите на авионско гориво во април пораснале за повеќе од 60%. Тоа помогнало да се намали притисокот откако неколку италијански аеродроми претходно предупредија на можни проблеми со снабдувањето.

Сепак, дел од експертите остануваат претпазливи. Меѓународната агенција за енергија предупреди дека глобалното производство на нафта годинава нема да може целосно да ја задоволи побарувачката поради кризата на Блискиот Исток. Дополнително, резервите на авионско гориво во регионот Амстердам–Ротердам–Антверпен се блиску до рекордно ниско ниво.

Аналитичарите оценуваат дека смирувачките пораки од авиокомпаниите имаат и економска цел, да се избегнат масовни откажувања на патувања во пресрет на најпрофитабилниот период од годината за авиоиндустријата.

И покрај моменталниот оптимизам, европските власти предупредуваат дека подолгорочните ризици остануваат реални и ќе зависат од развојот на конфликтот на Блискиот Исток и состојбата со глобалното снабдување со нафта.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил