Ал Гхаис: Време е за реалност, не идеологија – нафтата останува клучна до 2050 година

Виена. 15 јули 2025 – Генералниот секретар на ОПЕК, Хаитам Ал-Гхаис, во интервју за медиумската платформа Energy Connects на маргините на 9. Меѓународен семинар на ОПЕК во Виена, испрати силна порака за потребата од глобална соработка во енергетиката и предупреди дека иднината на глобалната енергетска сигурност зависи од навремени и реалистични инвестиции – особено во нафтениот сектор.

Под мотото „Градејќи патишта заедно“, овогодинешниот семинар ја истакна неопходноста од заедничко дејствување во време на геополитички поделби и енергетска неизвесност. „Светот денес е соочен со сериозни предизвици и спротивставени гледишта околу енергетската транзиција. Затоа, испраќаме порака на единство и заемна одговорност – зашто живееме на една заедничка планета“, изјави Ал Гхаис. Тој ја нагласи отвореноста и инклузивноста на форумот, каде учествуваа не само министрите од ОПЕК и ОПЕК+ туку и генералниот секретар на IRENA, Франческо Ла Камера, претставници од Форумот на земји извознички на гас, како и министри од големи земји потрошувачи, вклучително и Индија. „Нема друг енергетски настан во светот со ваква разновидност и тежина на учесници“, додаде тој.

На семинарот беше промовирано и новото издание на стратешкиот извештај World Oil Outlook 2025. Генералниот секретар истакна дека овој документ претставува „реалистична, прагматична и базирана на податоци“ визија за енергетската иднина.

РЕКЛАМА

„Нашата анализа не се темели на идеологија, туку на факти, бројки и објективни трендови. За разлика од некои други сценарија што се водат од политички агенди, ние се водиме од реалноста“, рече Ал Гхаис, додавајќи дека во изминативе години е забележан тренд на ревизија на првично преамбициозните политики за постигнување нула-емисии.

Во согласност со овие глобални корекции, новата прогноза на ОПЕК предвидува дека до 2050 година побарувачката за нафта ќе достигне 123 милиони барели дневно, што е за три милиони повеќе од минатогодишната проценка. „Нафтата секоја година поставува нови рекорди. Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција мора да се темели на реализам, а не на негирање на постојните потреби“, рече тој.

Ал Гхаис потенцира дека растот на побарувачката носи дополнителна одговорност за земјите производителки. „Ќе бидат потребни над 18,2 трилиони долари инвестиции до 2050 година во нафтениот сектор – и тие инвестиции мора да започнат сега, ако сакаме навреме да ја обезбедиме идната енергетска рамнотежа“, предупреди тој.

Говорејќи за ОПЕК+, коалицијата што следната година ќе одбележи десет години од формирањето, генералниот секретар ја оцени како „посилна и пообединета од кога било“. „И покрај сите надворешни шпекулации, кохезијата во рамки на ОПЕК+ останува цврста. Работиме за стабилноста на глобалниот енергетски пазар, што е од интерес за сите – и производители и потрошувачи“, заклучи Ал Гхаис.

Извор: EnergyConnects

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads