Москва. 11 ноември 2025 – Руската нафтена компанија „Лукоил“, втора по големина во земјата, се соочува со сè поголеми проблеми во своите меѓународни операции поради новите санкции на САД и одлуката на Вашингтон да не ја одобри продажбата на нејзините странски средства на швајцарската трговска компанија Gunvor.
Компанијата има значително глобално присуство, со активности во истражување и производство на нафта и гас, рафинирање и малопродажба на горива во Европа, Централна Азија, Блискиот Исток и Америките. Половина милион барели дневно „Лукоил“ произведува надвор од Русија, што претставува околу 0,5% од светското производство на нафта.
Активности на Блискиот Исток и во Централна Азија
Во Ирак, „Лукоил“ управува со нафтеното поле West Qurna 2, едно од најголемите во светот, каде има 75% удел. Компанијата прогласи форс мајор откако ирачките власти ги стопираа паричните и суровинските исплати.
Во Египет, рускиот гигант поседува 50% од полињата WEEM и WEEM Extension, како и 24% од концесијата Meleiha, каде што италијанската Eni е главен оператор.
Во Обединетите Арапски Емирати, „Лукоил“ има 10% удел во офшор-проектот Ghasha, кој го води ADNOC.
Во Казахстан, компанијата има удели во клучните нафтени полиња Karachaganak (13,5%) и Tengiz (5%), како и 12,5% во Caspian Pipeline Consortium, кој пренесува сурова нафта до Црното Море. Таа поседува и речиси 20% од гасното поле Shah Deniz во Азербејџан, како и големи удели во Узбекистан, каде управува со полињата South-West Gissar и Kandym.
Рафинерии и малопродажба
Во Бугарија, „Лукоил“ е сопственик на најголемата рафинерија на Балканот – Neftohim Burgas, со капацитет од 190.000 барели дневно. Бугарскиот парламент неодамна донесе закон што и овозможува на државата да преземе контрола врз рафинеријата поради безбедносни причини.
Во Романија, компанијата поседува целосно рафинерија со капацитет од 48.600 барели дневно, додека властите најавија внимателен надзор на секоја можна продажба на активите на оваа компанија.
Во Холандија, преку својата трговска подружница Litasco, „Лукоил“ има 45% удел во Zeeland refinery, заеднички проект со TotalEnergies.
Проблеми со снабдување
Во Финска, каде „Лукоил“ целосно ја поседува компанијата Teboil со околу 430 бензински пумпи, медиумите известуваат дека некои станици останале без гориво поради прекин на испораките.
Во Молдавија, „Лукоил“ управува со единствената база за снабдување со авионско гориво и магацинот на меѓународниот аеродром во Кишињев. Владата таму побарала привремено изземање од санкциите за да се овозможи континуитет на работењето.
Во САД, компанијата има околу 200 бензински станици во Њу Џерси, Пенсилванија и Њујорк, стекнати во почетокот на 2000-тите преку купување на локални бензински станици од ConocoPhillips.
Глобален удар врз рускиот енергетски гигант
Со мрежа од стотици бензински пумпи низ Турција, Бугарија, Србија, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Романија и Молдавија, „Лукоил“ се вбројува меѓу најголемите руски инвеститори во странство. Но, новиот бран американски санкции сериозно ја ограничува можноста на компанијата да управува и да продава средства надвор од Русија, што може дополнително да ја засили неизвесноста на глобалниот енергетски пазар.
Извор: Ројтерс
