Вашингтон. 10 јануари 2026 – Водечките светски нафтени компании му соопштија на американскиот претседател Доналд Трамп дека се потребни „значајни и трајни промени“ во Венецуела пред да се обврзат на големи инвестиции во нејзиниот нафтен сектор, и покрај потенцијалот што го гледаат по олабавувањето на американските санкции.
На состанокот во Белата куќа одржан во петокот, извршниот директор на ExxonMobil, Дарен Вудс, изјави дека сегашната правна и комерцијална рамка во Венецуела ја прави земјата „неинвестибилна“. Ова доаѓа откако претседателот Трамп претходно тврдеше дека нафтените компании се подготвени да вложат најмалку 100 милијарди долари во јужноамериканската земја.
Иако Венецуела располага со најголемите докажани нафтени резерви во светот, околу 303 милијарди барели, извршните директори нагласија дека без стабилни политички и институционални промени, нови инвестиции се малку веројатни. Трамп, изјави дека неговата администрација наскоро ќе одлучи кои компании ќе добијат дозвола за влез на венецуелскиот пазар, предупредувајќи дека ќе најде други инвеститори доколку сегашните се повлечат.
Можен умерен раст на производството
Компаниите што веќе работат во Венецуела посочија дека можат релативно брзо да го зголемат производството преку вложувања во постојните капацитети. Chevron најави дека може веднаш да ги удвои испораките и да го зголеми производството за 50% во рок од 18 до 24 месеци. Repsol, пак, планира да ја зголеми трикратно сегашната продукција од 45.000 барели дневно во наредните две до три години.
Shell изјави дека има неколку милијарди долари потенцијални инвестиции, условени од одобрение на санкциските власти, додека трговците Trafigura и Vitol најавија подготвеност за повторно пласирање венецуелска нафта на пазарот, при што Trafigura веќе следната недела ќе понуди прва пратка.
Претпазливост поради минатото
Компаниите кои ја напуштија Венецуела поради експропријации пред речиси две децении остануваат внимателни. ExxonMobil, чии средства биле одземени двапати, нагласи дека евентуалното враќање би било можно само со суштински промени. ConocoPhillips побара целосна реструктурирација на енергетскиот систем, вклучително и државната PdV, како и вклучување на меѓународни банки.
Трамп вети „целосна безбедност“ за компаниите што ќе инвестираат, но одби да помогне во обештетување за минатите загуби, оценувајќи дека компаниите ќе ги надоместат со идните приходи.
Во меѓувреме, дел од администрацијата признава дека големите нафтени корпорации се воздржани поради политичката неизвесност, иако интерес постои кај помалите независни производители. Сето тоа се случува во услови на ниски цени на нафтата, со американската WTI нафта околу 59 долари за барел, додека администрацијата на Трамп поддржува целна цена од околу 50 долари за намалување на инфлациските притисоци.
Енергетика 24
