Белград. 23 септември 2025 – Србија во октомври ќе потпише нов долгoрочен гасен аранжман со руската компанија „Гаспром“, изјави генералниот директор на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ. Тој прецизира дека во текот на оваа недела ќе завршат преговорите, но формалното потпишување ќе се случи идниот месец. До тогаш ќе биде продолжен постојниот договор за снабдување со природен гас, под истите услови.
„Договорот нема да биде потпишан во септември, туку во октомври. Во меѓувреме ќе го продолжиме постојниот аранжман, со нафтна формула и дополнителни количини“, рече Бајатовиќ за РТС.
Новиот договор, како што најави, ќе биде со важност од три години и ќе обезбеди по 2,5 милијарди кубни метри гас годишно. Бајатовиќ потенцира дека цената на гасот за домаќинствата нема да се зголеми, а ако дојде до поскапување на меѓународниот пазар, разликата кон дистрибутерите ќе ја покрива „Србијагас“.
Тој откри и детали за дополнителни извори на снабдување. Со Азербејџан е договорено до 2,5 милиона кубни метри дневно, а со руската страна околу 9,5 милиони кубни метри дневно. Србија располага и со складиштето „Банатски Двор“, во кое има 780 милиони кубни метри гас, поделени подеднакво меѓу српската и руската страна. Освен тоа, Србија обезбедила и 200 милиони кубни метри резерви во Унгарија.
Бајатовиќ нагласи дека земјата е добро подготвена за претстојната грејна сезона: „Нашите складишта се полни над 90%, додека европските се на нешто повеќе од 80%. Европа нема доволно гас, но Србија има. Тоа сепак ќе влијае врз растот на цената.“ Според него, резервите можат да обезбедат снабдување најмалку три месеци, а веројатно и до пет месеци.
Меѓутоа, новите санкции на Европската комисија против Москва и руските компании, како што рече, претставуваат дополнителен предизвик. „Сметам дека тоа најверојатно нема да се однесува на гасот кој се транспортира преку Турски тек“, изјави тој.
Бајатовиќ се осврна и на санкциите на американската администрација кон НИС, посочувајќи дека претседателот Александар Вучиќ побарал разговор со американски претставници. „Тоа се политички санкции и се надевам дека ќе се најде решение преку билатерални контакти“, истакна директорот на „Србијагас“.
Десетгодишниот договор на Србија со Русија за снабдување со природен гас истече на крајот на мај. Секретаријатот на Енергетската заедница претходно предупреди дека Белград, како земја кандидат за членство во Европската Унија, треба да избегне врзување со нов долгорочен договор со Москва.
Податоците на Републичкиот завод за статистика покажуваат дека зависноста на Србија од рускиот гас останува висока – во првите четири месеци од 2025 година, 80% од вкупниот увоз на овој енергент пристигнал од Русија. Оваа енергетска зависност, според аналитичарите, е и еден од главните аргументи поради кои Србија не се приклучи на европските санкции против Москва, иако официјален Брисел очекува од Белград да ја усогласи својата надворешна и безбедносна политика со ЕУ.
Извор: РТС