Белград/Будимпешта/Москва. 22 јули 2025 – Министерите за енергетика и надворешни работи на Србија, Унгарија и Русија во текот на вчерашниот ден одржаа видео-конференција на која разговараа за можноста за изградба на нов нафтовод што би ја поврзал Србија со Унгарија и со тоа овозможил алтернативен правец на снабдување со сурова нафта од Русија.
Во соопштението на Министерството за рударство и енергетика на Србија се наведува дека Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, унгарскиот министер Петер Сијарто и рускиот заменик-министер Павел Сорокин разговарале за техничките, политичките и комерцијалните аспекти на евентуалниот проект, кој би можел да стане реалност во наредните години.
„Изградбата на нафтоводот ќе ѝ овозможи на Србија преку Унгарија да обезбеди сигурни испораки на сурова нафта, со што се зајакнува националната енергетска безбедност. Диверзификацијата е клучна, особено во сегашниот нестабилен геополитички контекст,“ изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа додаде дека во тек е подготовка на проектно-техничката документација, која би била завршена до почетокот на 2026 година, кога може да започне изградбата – доколку дојде до формален договор меѓу страните. Воедно се очекува и дефинирање на комерцијалните услови и процена на количините што би ѝ биле потребни на Нафтената индустрија на Србија (НИС).
Истовремено, според унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, проектот би имал капацитет до пет милиони тони нафта годишно, а би се поврзал со рускиот нафтовод Дружба, што би ѝ овозможило на Србија пристап до поевтина руска нафта од Урал.
„Додека Брисел ги забранува руските енергенси, ги прекинува рутите и го ограничува снабдувањето, ние, со Србија и Русија, бараме нови извори. Унгарија нема да стане жртва на тие катастрофални одлуки,“ изјави Сијарто преку социјалната мрежа Икс.
Иако дискусиите се во почетна фаза, ваквиот нафтовод би можел да биде алтернатива за Србија, особено по одлуката на Хрватска во 2022 година да го забрани транспортот на руска нафта преку својата територија, како дел од спроведувањето на санкциите на ЕУ против Русија.
Проектот, иако сè уште не е формализиран, доаѓа во време кога ЕУ настојува да го прекине увозот на руски гас и нафта до 2027 година, додека Унгарија и Србија продолжуваат да одржуваат енергетски врски со Москва. И покрај санкциите, руските компании сè уште имаат мнозински удел во НИС, што дополнително ја комплицира сликата за енергетската иднина на регионот.
Извор: Танјуг / Радио Слободна Европа