Србија и Хрватска ја истакнаа улогата на нуклеарната енергија на самитот во Париз

Србија и Хрватска во текот на вчерашниот ден во рамките на Нуклеарниот самит во Париз ги претставија своите планови и ставови за иднината на нуклеарната енергија, нагласувајќи ја нејзината важност за енергетската транзиција и независноста на Европа.

Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека Србија планира до 2032 година да ја избере технологијата и да започне изградба на првата нуклеарна електрана во земјата, со цел таа да биде завршена околу 2040 година. Според неа, планот е во тој период во електроенергетската мрежа на Србија да бидат интегрирани најмалку 1.000 мегавати нуклеарни капацитети.

ФОТО / Dubravka Djedovic-Handanovic FB

Таа посочи дека Србија ќе работи со Меѓународната агенција за атомска енергија на развој на кадар преку стипендии и обуки за млади и искусни експерти, со цел да се зајакнат човечките ресурси потребни за нуклеарната програма. Земјата, според неа, има потпишано договори за енергетска соработка со Јужна Кореја, САД и Русија, како и добра политичка соработка со Кина, што би можело да биде основа за идни технолошки партнерства.

РЕКЛАМА

Ѓедовиќ Хандановиќ нагласи дека Србија планира нови 1.500 мегавати енергетски капацитети до 2030 година и 4.600 мегавати до 2035 година, како дел од програмата „Србија 2030–2035“. За енергетскиот сектор се планирани инвестиции од околу три милијарди евра до 2035 година, додека вкупните вложувања во нуклеарната програма се проценуваат на околу 10 милијарди евра.

На самитот се обрати и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој предупреди дека Европската унија заостанува во развојот на цивилната нуклеарна енергија. Тој истакна дека Европа користи речиси третина од светските нуклеарни капацитети, но во неа се градат само нешто повеќе од десет проценти од новите реактори.

ФОТО / Anrdej Plenkovic FB

Пленковиќ оцени дека нуклеарната енергија е клучна за постигнување на целите за декарбонизација до 2050 година и за зајакнување на енергетската независност на Европската унија. Тој посочи дека Хрватска веќе произведува нуклеарна енергија преку нуклеарната електрана Кршко, во која е косопственик со Словенија, а која обезбедува околу 20 проценти од производството и 16 проценти од потрошувачката на електрична енергија во земјата.

Хрватскиот премиер најави дека земјата работи на создавање услови за развој на цивилна нуклеарна програма, со посебен фокус на малите модуларни реактори, кои се сметаат за побрзо и пофлексибилно решение за идните енергетски потреби.

Нуклеарниот самит се одржува во конгресниот центар „La Seine Musicale“ во Париз, а го отвори францускиот претседател Емануел Макрон. На настанот учествуваат претставници од повеќе од 30 држави и меѓународни организации, меѓу кои и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Маријано Гроси.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил