Србија и БиХ пред енергетски предизвик: Затворањето на рускиот гас за Европа отвора прашања за иднината на снабдувањето

Белград / Сараево. 22 октомври 2025 – Одлуката на Европската унија да го забрани транзитот на руски природен гас преку територијата на ЕУ во трети земји од 1 јануари 2026 година предизвика сериозна загриженост во Србија и Босна и Херцеговина. Двете држави, кои во голема мера зависат од рускиот гас што пристигнува преку Балканскиот тeк, се соочуваат со потреба од итна енергетска трансформација и диверзификација на изворите.

Белград: “Ситуацијата е речиси безизлезна”

Српското Министерство за рударство и енергетика соопшти дека земјата се наоѓа во „многу тешка и речиси безизлезна ситуација“, бидејќи од 2026 година ќе биде прекинат протокот на руски гас преку Бугарија. Министерката Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ истакна дека Бугарија, поради новите европски мерки, нема да дозволи транспорт на руски гас низ Балканскиот тек.

„Работиме сè што е во наша моќ, но ситуацијата е крајно сложена. Нашата земја, која не е дел од ниту еден конфликт, се најде погодена без своја вина“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ, додавајќи дека Србија ќе направи сè за граѓаните да не ги почувствуваат последиците.

РЕКЛАМА

Таа посочи и дека Белград се надева на дипломатско решение, потпирајќи се на добрите односи на претседателот Александар Вучиќ со светските лидери.

Ситуацијата дополнително се усложнува со фактот што Нафтната индустрија на Србија (НИС) од 9 октомври е под американски санкции, што може да има дополнителни последици врз енергетската стабилност на земјата.

Од своја страна, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес во Будимпешта изјави дека одлуките на ЕУ „не се добри“, но дека државата ќе бара начин да ја зачува енергетската стабилност. Тој нагласи дека Србија има само „година и нешто“ за да најде замена за рускиот гас и дека тоа ќе биде „огромен технички и финансиски предизвик“.

„Како да изградиме нов интерконектор со Романија, или да направиме реверзибилна врска со Унгарија за повратен проток на гас? Дури и кога ќе направиме сè, останува прашањето, од каде да набавиме доволно гас, и тоа по 30 до 40% повисока цена,“ рече Вучиќ.

Поранешната министерка за енергетика Зорана Михајловиќ предупреди дека Србија мора итно да се подготви за сценарио без руски гас:
„Мораме да ги завршиме интерконекциите и да почнеме со набавка на не-руски гас. Без енергетска стабилност нема државна стабилност“, изјави Михајловиќ, посочувајќи на проектите како гасоводот Ниш–Димитровград и складиштето во Банатски Двор.

Сараево: Последно предупредување за Федерацијата БиХ

Во Босна и Херцеговина, федералниот министер за енергија, рударство и индустрија Ведран Лакиќ ја нарече европската најава за прекин на увозот на руски гас „последно предупредување“ за Федерацијата БиХ.

„Мораме итно да ја изградиме Јужната гасна интерконекција и да ја диверзифицираме енергетската инфраструктура. Времето не е на наша страна“, изјави Лакиќ за агенцијата ФЕНА.

Според него, изградбата на гасоводот кон Хрватска, поврзан со терминалот за ЛНГ на островот Крк, ќе овозможи пристап до европските гасни пазари и ќе ја намали зависноста од единствениот правец на снабдување.

Проектот „Јужна интерконекција“ веќе има законска основа и очекува одлука на Владата на Федерацијата БиХ за формирање комисија за урбанистичка дозвола.

Регионот пред нова енергетска реалност

И Србија и БиХ се наоѓаат пред сериозен предизвик како да обезбедат сигурно снабдување со гас во услови на брза европска енергетска транзиција.
Белград се потпира на дипломатски канали и постојни складишта, додека Сараево гледа кон нови гасни врски со Хрватска и Европската унија.

Една работа е извесна: со затворањето на руските вентили кон Европа, Западниот Балкан влегува во нова ера на енергетска неизвесност и нужни промени.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба