Србија и Азербејџан ја продлабочуваат стратешката енергетска соработка со потпишување договор за изградба на гасна електрана. Документот беше разменет во Палатата Србија, во рамки на официјалната посета на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на Србија, реализирана во текот на вчерашниот ден.
Чинот се одржа во присуство на Алиев и на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Клучниот енергетски документ предвидува развој, проектирање, изградба и управување со електрана со гасно-парен циклус, која треба да се гради во околината на Ниш. Според најавите, капацитетот ќе изнесува 500 мегавати, а пуштањето во работа се очекува до 2029 година.
Вучиќ изјави дека претстои период на зголемена побарувачка за електрична енергија и дека Србија мора да обезбеди нови производствени капацитети, при што соработката со Азербејџан ја оцени како од клучно значење за енергетската сигурност.
Алиев, пак, нагласи дека изградбата на гасната електрана ќе биде една од најзначајните инвестиции на Азербејџан во Европа, оценувајќи дека енергетиката претставува столб на билатералните односи.
Покрај договорот за електраната, беа разменети и шест други документи за соработка во различни области, но централна тема на посетата беше продлабочувањето на енергетското партнерство меѓу двете земји.
Енергетика 24
